Кривични против четири лица врз кои беше пукано во хотелот „Александар палас“

271

Полицијата поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство  против четири лица врз кои беше пукано во саботата во хотел „Александар Палас“.

Сè уште не е утврден идентитетот на сторителите кои со огнено оружје пукале кон сега пријавените лица, јавуваат од Обвинителството.

Лицата против кои се поднесени кривичните, според Обвинителството, ја загрозиле сигурноста на 11 полициски службеници, кои ги легитимирале и упатиле сериозни закани по животот на полициските службеници.

Тројца од пријавените се лишени од слобода, а по четвртиот сè уште се трага.

Обвинителството до Судот поднесе предлог за определување мерки за претпазливост за четворицата осомничени: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, обврска повремено да се јавуваат кај определено службено лице, како и забрана за приближување и за воспоставување комуникација со оштетените.

Како што вчера објавивме, во текот на вечерта имаше голема полициска акција за која беше нејасно дали се апсат тие кои пукале или лицата кон кои било пукано, а им се заканувале на полициските службеници. Од МВР изјавија дека станува збор за сложена полициска операција за расчистување на инцидентот во хотелот „Александар Палас“.