Кривични пријави за две лица од Битола за говор на омраза на Мечкин Камен

554

Кривична пријава против битолчаните М.Д. (24) и Ѓ.Д. (19) за сторено кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ за време на одбележувањето на Илинден на Мечкин Камен, поднесе Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп до Основното јавно обвинителство.

Во полициска станица, како што информираат од МВР, во врска со настаните во Крушево на 2 август се повикани повеќе лица и по документирањето на случаите и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

– На 02.08.2018 година околу 13.00 часот на местото „Мечкин Камен“ во Крушево, каде се одржуваше манифестација по повод прослава на националниот празник „Илинден“,   пријавените лица организирано присуствувале на прославата како дел од група составена од навивачи од повеќе навивачки групи. За време на положувањето на цвеќе од страна на присутните делегации провопријавениот М.Д., второпријавениот Ѓ.Д. и други лица, стоејќи во непосредна близина до ВИП ложата, спроти бината каде се одржувала манифестацијата, скандирале навредливи пораки со што сториле кривично дело „предизвикување омраза, раздор, или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа – се вели во соопштението од МВР.  

Прилепското јавно обвинителство, претходно информира, дека постапува по пристигната кривична пријава против две лица и други непознати лица за сторено кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ за време на одбележувањето на илинден на Мечкин Камен.  

– ОЈО Прилеп презема дејствија за утврдување на факти и прибирање докази во врска со нападите и говорот на омраза кои беа изречени за време на одбележувањето на државниот празник на Мечкин Камен, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп, се наведува во соопштението, во континуитет презема дејствија за да го расчисти кривично правниот настан.