Кривична пријава против 20-годишен скопјанец кој тргнал во Сирија за да војува за Ал Нусра

688

Секторот за борба против тероризам и насилен екстремизам при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вчера (26 февруари) поднесе кривична пријава против 20-годишен скопјанец за сторено кривично дело учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации.

Како што информираат од МВР, пријавениот со намера да замине за Сирија за да учествува во групата Џабхат ал-Нусра (прогласена за терористичка организација од страна на ОН во 2013 година), преку интернет остварил контакти со две лица државјани на земјава, од кои едниот се наоѓал во Сирија, а другиот бил повратник од Сирија.

Притоа од страна на овие лица му била дадена гаранција (теские) за приклучување во терористичката организација и договориле дека ќе го информираат за времето на тргнување и начинот на неговото пристигнување во Сирија.

На први ноември минатата година пријавениот со автобус ја напуштил територијата на Македонија преку граничниот премин Богородица и веќе на втори ноември влегол во Турција, од каде што требало илегално да ја премине турско-сириската граница и да биде прифатен од страна на две непознати лица.

На шести ноември 2019 година при обид илегално да ја премине турско-сириската граница скопјанецот бил уапсен од страна на турските безбедносни органи и сместен во прифатен центар во близина на границата со Сирија, така што кривичното дело останало во обид.

При апсењето тој бил без документи за идентификација, лажно се претставил и рекол дека имал намера да патува во Алепо, Сирија.

По оставрена меѓународна полициска соработка и во соработка со македонската амбасада во Анкара, утврден е неговиот идентитет, издаден е патен лист и скопјанецот бил депортиран на скопскиот аеродром, каде што е преземен и приведен во полициската станица во Кисела Вода.

Вчера (26 февруари), по издадена наредба од судија на претходна постапка, извршен е претрес во домот на скопјанецот, при што се пронајдени и одземени девет мобилни телефони, една СИМ-картичка, две УСБ и еден лаптоп.