Кривична пријава за радовишани за присвојување и отуѓување огревно дрво

67

Полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство-Радовиш против Ј.А (64), Љ.П (37), А.Л (57) и С.Ј (63), сите од Радовиш поради постоење основани сомневања дека првопријавениот како службено лице сторил кривично дело „Проневера во службата“. Второпријавениот како одговорно лице со пропуштање на должен надзор извршил кривично дело „Несовесно работење во службата“.

Како што информира СВР Струмица, третиот и четвртопријавениот со намера да ги прикријат кривичните дела извршени од прво и второпријавениот изготвиле лажни исправи од спроведен попис на материјални средства во ЈП „Македонски шуми“-ПШС „Плачковица“ Радовиш и со тоа сториле кривично дело „фалсификување исправа“.

Првопријавениот извршувајќи ги работните обврски и задачи на работно место магационер на склад во ЈП „Македонски шуми“-ПШС „Плачковица“-Радовиш од 4 јануари 2016 година до 31декември 2017 година противправно присвоил за себе или за друг 197,71 кубни метри огревно и техничко дрво кои му биле доверени во службата. Второпријавениот во својство на раководител во јавното претпријатие ПШС „Плачковица“ – Радовиш, иако бил должен да врши контрола на целокупното работење во Подружницата, вклучително и во магацинот за конфискувана стока, бил одговорен за правилното и законско работење, не презел никакви дејствија со што дозволил да настане штета во вредност од 429.949,00 денари.

Трето и четвртопријавениот, како членови на главна пописна комисија, со намера да го прикријат недостигот на дрва во магацинот за конфискувана роба, на 31 декември 2016 година изготвиле фалсификат пописна листа, односно фалсификуван извештај.  Во извештајот не го прикажале недостигот, а таквата докуметација ја употребиле пред Централната пописна комисија формирана од ЈП „Македонски шуми“-Скопје.