Кривични за екс градоначалниците на Радовиш и Василево

766

Кривични пријави заработија поранешните граданочалници на Радовиш Сaшко Николов (39) и на Василево В.С. (51), пренесува МИА.

Кривичната за радовишкиот градоначалник Николов е поради основано сомневање дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, соопшти денес портпаролот на СВР Струмица, Хризантема Рендевска.

Според неа, Николов на почетокот на јули лани постапил спротивно на актите на општината и потпишал налог за користење на службено возило „Пежо 528“, сопственост на општина Радовиш, на лице кое не било вработено во оОпштината за патување на релација Радовиш-Чинарџик, Република Турција.

– На 22 јули 2017 година, на враќање од Република Турција, физичкото лице со возилото предизвикало сообраќајна незгода во Република Турција, со што била причинета материјална штета на патничко возило „Форд“ во висина од 43.000 денари. По пристигнувањето во Република Македонија возилото „Пежо–528“ веднаш било однесено на поправка за што било платено на рака 10.000 денари. Подоцна, било утврдено и друго оштетување на возилото во висина од 20.487 денари, кое се уште не е санирано – рече портпаролката на СВР Струмица, Хризантема Рендевска на денешната прес конференција.

На тој начин пријавениот нанел штета на буџетот на општина Радовиш во висина од 63.750 денари.

Против поранешниот градоначалник пак на Василево, В.С. (51) од село Едрениково, е поднесена кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластувања“. Осомничен е дека без докази овозможил исплата на отштета од поплави, а истовремено училиште и претпријатие во општината добиле значително помалку пари од проценетата штета.

Според пријавата, В.С. донел решенија за исплата на пари од елементарна непогода од сметката за солидарност на буџетот на општината без да постојат соодветни писмени докази дека физички и правни лица од општината навистина ја претрпеле штетата што ја пријавиле за поплавите во општината на 24, 25 и 26 март 2013 година.

На тој начин по добивање дотација од Министерството за финансии во износ од 38.656.106 денари согласно донесената Одлука на Владата за надомест на штети од поплавите во висина од 15 проценти од настанатата штета, поранешниот градоначалник во текот на 2014, 2015, 2016 и 2017 година од сметката за солидарност на Општина Василево на повеќе граѓани и на неколку правни лица од Општина Василево им исплатил 33.762.784 денари без соодветен доказ за претрпена штета односно без претходно да биде запазена „Единствената методологија за проценка на штетите од елементарни и други непогоди“.

Како што наведуваат од МВР, поранешниот градоначалник ги пречекорил границите на своите овластувања и по однос на распределбата на средства за претрпена штета на општина Василево која документирано била проценета на 12.604.500 денари, а од сметката за солидарност дозволил да се исплатат само 4.032.300 денари.

На ЈП „Турија“ од Василево за документирано проценета штета од 572.000 денари, дозволил да се исплатат само 72.600 денари, а на ООУ „Гоце Делчев“ во општината наместо проценетата штета од 185.000 денари и биле исплатени 41.250 денари, што, потенцираат од МВР, укажува дека средствата за штетите од поплавите биле нерамномерно и несразмерно распределувани.

Кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и за фалсификување и уништување на деловни книги“ и против С.Н (46) од село Градашорци, М.Т (54) и М.Ѓ (28) од Василево, М.Ј (58) од село Сушево и Б.С (59) од село Моноспитово. Тие во својство на членови на општинската комисија за проценка и утврдување на штетите од елементарните непогоди, заедно со претседателот на комисијата придонеле кон извршување на кривичното дело. Без да изготват записници за увид на лице место и соодветни обрасци предвидени во „Единствената методологија за проценка на штетите од елементарни и други непогоди“ извршиле фиктивна проценка на штетите на граѓаните и учествувале во изготвувањето на „Елаборатот од проценката на штетите“ во кој ги внесувале податоците од направените фиктивни проценки на штетите од поплавите, при што на крајот ставиле свој потпис на елаборатот заверувајќи ја неговата содржина како вистинита. Таквиот елаборат со недокажани и непотврдени податоци подоцна бил изгласан од Советот на Општина Василево и пратен до Владата врз основа на што биле добиени средства за исплата на штетите од поплавите во висина од 15 проценти од претрпената штета, односно 38.656.106 денари.

М.Ј (58) и Б.С (59) иако директно не влијаеле во кривично-правните настани сепак ставиле потписи на „Елаборатот од проценката на штетите како и на Извештајот од работата на комисиите за проценка на штети, исто така заверувајќи ја содржината како вистинита. Со дејствијата направени од пријавените го оштетиле буџетот на РМ во износ од 35.870.149 денари.