Кривичен го продолжи притворот на Емил Јакимовски

150

Кривичниот суд му го продолжи притворот на Емил Јакимовски, поранешен вработен во Централниот регистар, за закани упатени кон новинарката Мери Јордановска и за семејно насилство врз поранешната сопруга и нејзиниот татко.

Претходно, нему му беше одреден притвор во времетраење од осум дена, а денеска Обвинителството поднесе и обвинение. Со оглед на тоа што станува збор за судење по скратена постапка, предметот ќе биде прераспределен кај надлежен судија веќе од понеделник.

Како што соопшти Јавното обвинителство, од резултатите на вештачењето спроведено по наредба на јавниот обвинител во текот на истражната постапка произлегло дека обвинетиот ги сторил делата во состојба на битно намалена пресметливост за да го сфати значењето на делото и да управува со своите постапки.

– Првото дело кое му се става на товар обвинетиот го сторил на начин што со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно остварување на истото дело, притоа искористувајќи ист траен однос и исти услови. Тој, како поранешен сопруг на една оштетена, при вршење семејно насилство ѝ ја загрозил сигурноста со сериозна закана дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело и врз животот и телото на нејзино блиско лице, нејзиниот татко – се наведува во извештајот.

Обвинетиот се товари дека второто дело го сторил на 10 јануари, кога по пат на информатички систем ѝ се заканувал на оштетена дека ќе изврши кривично дело убиство за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години. Заканите ги упатувал преку пораки и мобилни апликации, па оштетената се почувствувала дека и е загрозена личната сигурност, се наведува во соопштението.