Кражба во просториите на ФК Тетекс во Тетово

110

Просториите на фудбалскиот клуб Тетекс од Тетово се обиени и од таму се украдени топки и копачки. Кражбата се случила ноќта помеѓу понеделникот и вторникот. Економот Петре Јовчевски забележал дека е пребарувано и дека фалат топки и копачки.

-Во вторникот не бевме на работа бидејќи беше неработен ден. Денес претпладне кога дојдов на работа поради редовниот тренинг забележав дека вратата е искршена. Кога влегов внатре видов дека е се во неред, растурено и дека пребарувале. Одземени се шест топки и одреден број копачки, изјави Јовчевски.

Ова е втор пат соблекувалната на ФК Тетекс да биде мета на вандали или крадци. Пред неколку години беше опожарена. Јовчевски вели дека самите ќе преземат превентивни мерки зошто нема резултат од пријавувањето во полиција.

– И првиот пат кога беше пожарот надлежните од полицијата не не известија дали нашле кој го направил тоа. Ќе поставивме нова подобра врата за да не може да се искрши, а најверојатно и камери за се снима и да спречиме нови кражби. Опремата која е украдена е скапа, 150 евра чинат само едни подобри копачки-рече Јовчевски.

Соблекувалната на ФК Тетекс се наоѓа на стариот градски стадион, каде се и просториите на останатите фудбалски клубови Ренова, Љуботен и Шкендија.

А.С.