Крадење од страст, не за пари

За десет години украл 239 уметнички дела, сите со голема парична вредност. Бил фатен во 2005 година. Ништо не продавал, создавал сопствена колекција

Приказна за најпознатиот Французин – крадец на уметнички дела

Французинот Стефан Бреитвисер направил богатство вредно повеќе од 1,4 милијарда долари и со тоа станал можеби највредниот крадец на уметнички дела во историјата. Самиот признал дека во периодот од 1995 до 2001 година украл повеќе од 239 уметнички дела и други вредности, додека патувал низ Европа каде што работел како келнер во повеќе градови.
Роден е во 1971 година, бил од релативно богато семејство, а првата кражба од музеј ја направил веднаш по разводот на неговите родители, кога имал 22 години. Неговиот татко заминал и зел сѐ со себе, а Стефан и неговата мајка морале да се преселат во помал стан, без удобностите на кои бил навикнат. По неколку месеци, заминал во посета на музеј во француското село Тан, од каде што украл антички пиштол. Бил револтиран затоа што пред разводот имал вакво оружје, но неговиот татко зел сѐ со себе, не оставајќи ниту едно вредно парче од некое уметничко дело или некоја вредна старина. Во тој момент почувствувал потреба да го поседува пиштолот.

Музејот бил мал, без безбедносен систем. Успеал лесно да го украде пиштолот. Три години по оваа кражба се префрлил на друг терен, го ограбил музејот „Рубенс хаус“ во Белгија, со помош на својата девојка и уште една пријателка.
Скапоценото уметничко дело што сакал да го украде во овој музеј било нешто необично, неговата убавина била чудесна. Го открил две недели пред да одлучи да го украде, при посета на музејот кога бил одушевен од она што го видел. Таа слика му се појавувала и во сонот, совеста не му била мирна додека не го украл.

Станувало збор за скулптура на Адам и Ева направена од слонова коска, изрезбана од Џорџ Петел во 1627 година. Иако била мала, сепак деталите го импресионирале.
– Тоа беше најубавиот предмет што некогаш сум го видел во животот – раскажал тој.
Скулптурата била сместена во античка гардероба, запечатена од сите страни со плексиглас. Успеал да ја извади статуетката од заштитата и истата таа ја сместил во пантолоните, по што се упатил до првиот излез и избегал со своите соучеснички со возилото.

Она што го разликува Стефан од другите крадци е тоа што тој го крадел само тоа што имало емоционална вредност за него. И што е карактеристично, никогаш не продал ниту парче од украдените вредности, сѐ било за правење негова вредна колекција.
– Да се крадат вредни уметнички дела за пари е многу глупаво. Парите можат да се заработат и со многу помал ризик. Но крадењето од љубов е екстатично – вели тој. Познат е по неговите спектакуларни кражби, без насилство и жртви, како да ги реализирал со магично стапче. Понекогаш дури крадел додека биле присутни и голем број чувари.
За медиумите Стефан ја раскажал својата приказна, на кој начин ги вршел кражбите.
– Не се грижев никогаш за тоа каде го паркирам автомобилот. Каде било во близината на музејот е во ред. Секогаш внимавав да бидам во музејот за време на ручек, кога има најмалку посетители и кога обезбедувањето се менува за да руча. Облечен секогаш средено, со чевли што одговараат со кошулата, но и со јакна што има доволно простор за да скрие нешто во неа – раскажува Бреитвисер.

Раскажал дека при влегувањето во музеите секогаш бил насмеан, купувал билет и ги отпоздравувал продавачите на билети. Вели дека фокусот бил најважен во тие моменти.
– Мора да се следат посетителите, да се меморираат излезите, да се избројат чуварите. Дали седат или патролираат. Многу обрнував внимание на камерите и дали тие се поврзани со кабли, бидејќи дознав дека многу инсталирани камери се лажни – објаснува крадецот.
Вели дека подовите во музејот му биле од огромна помош, особено дрвените што крцкаат, па лесно можел да дознае дали му се приближува некој. Најлошо искуство имал со оние музеи чии подови биле со теписи.

На седми јануари 2005 година завршува неговата авантура со ограбувањето, кога бил фатен и добил тригодишна затворска казна од судот во Стразбур. Отслужил само 26 месеци. Пред да ја добие пресудата, тој се обидел да се обеси, но бил спречен од затвореникот со кој ја делел ќелијата во затворот. Има објавено и автобиографија за неговите кражби, а минатата година повторно бил уапсен, поради обид за продажба на вредни уметнички дела на интернет.

[email protected]