Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања утре ќе одлучува за притворот за Димовски

131

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања утре ќе одлучува по барањето за одобрување притвор на пратеникот и поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, поднесено од скопскиот Кривичен суд – Одделение за организиран криминал и корупција.

Димовски, заедно со уште двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик-министер Кристијан Делев се под истрага за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.

Од Кривичниот суд попладнево информираа дека триесетдневен притвор добиле поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков и заменик министерот Кристијан Делев, додека на поранешниот министер Ацо Спасеновски заради утврдени здравствени проблеми му е определена мерка куќен притвор. Одлуката за поранешниот министер Љупчо Димовски, кој е пратеник во Собранието на РМ и се повикува на пратенички имунитет, најавија од Судот, треба да биде дополнително донесена.