Ковид-19 ги одложи рочиштата за „Таргет-Тврдина“ и за „27 април“

36

Судењето за предметот „Таргет-Тврдина“ е одложено за 3 ноември, поради отсуство на обвинетиот Сашо Мијалков кој е позитивен на коронавирус. Oдложено е и рочиштето за „27 април“ откако обвинетите Спиро Ристовски и Трајко Вељаноски добиле решенија за самоизолација поради заразени со коронавирус во нивните семејства. Адвокатите на Ристоски и на Вељаноски најавија дека од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ќе побараат протокол за одржување на судските рочишта, поради влошената слика со коронавирусот.

Бранителот на Мијалков, Љупчо Шврговски, пак, до судот го достави позитивниот тест и терапијата која му е препишана. Пред два дена, рочиштето за овој предмет беше одложено откако Мијалков развил симптоми на болеста. Подоцна тој во објава на социјалните мрежи ја потврди информацијата коментирајќи ова е борба со непознат непријател, но нема предавање.

– Максимално се трудев да ги почитувам мерките и препораките на експертите, но, за жал, добив резултат кој вели дека сум позитивен на ковид 19 – напиша Мијалков.

Во предметот „Таргет-Тврдина“, покрај Мијалков, обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Обвинети во предметот „27 април“, покрај Вељаноски и Ристовски, се и поранешниот министер за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.