Кичеец повикан во полициска станица за објавените разговори

385

Осуденикот во „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец, чиј глас изминатиов период се слуша во повеќе разговори со лидерот Христијан Мицкоски, но и со црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака, денеска бил повикан и отишол на информативен разговор во Полициската станица Карпош. Потврда за ова има и од Министерството за внатрешни работи, од каде што велат дека Кичеец дал исказ во присуство на адвокат.

– Од страна на МВР му беше доставена покана да се јави на информативен разговор денеска во Полициската станица Карпош по член 276 од ЗКП, а во врска со објавени аудиоснимки на социјалните мрежи. З. М. денеска дојде во ПС Карпош заедно со својот адвокат и врз основa на неговиот исказ, ќе биде сочинето известување до ОЈО – велат од МВР.

Во разговорите меѓу Мицкоски и Кичеец се слуша и гласот на Слободанка Алексовска, ексвработена во болницата „Систина“ на Орце Камчев. Засега таа и Мицкоски не се повикани на разговор, а ниту, пак, Зоран Заев и Драги Рашковски, кои се споменувани во разговорите меѓу Дака и Кичеец.