Качачки банди „тероризираат“ повеќе населени места во Струшко

3707

Жителите на селата Франгово, Фиеришта, Радолишта, Шум, Заграчани и Теферич во струшкиот регион изминативе месеци живеат во страв, бидејќи тие самите и нивните домови се цел на банди разбојници или, како што самите велат, се брутално и безобѕирно напаѓани од „качаци“. Бандите како омилени цели особено ги имаат куќите на иселениците. Качачките банди што ги напаѓаат овие села досега извршиле стотина различни кривични дела, па месното население, покрај заштита од полицијата, заради зголемен степен на сигурност, побарало заштита и од приватна агенција за
обезбедување

Жителите на селата населени со албанско етничко население на југозапад на државава, близу границата со Република Албанија, Франгово, Фиеришта, Радолишта, Шум, Заграчани и Теферич во струшкиот регион, изминативе месеци живеат во страв, бидејќи нивните домови се цел на брутални организирани разбојници. Особено се цел куќите на Албанците иселеници што се во Швајцарија, Австрија, Германија…
Бандите што ги напаѓаат овие села досега извршиле стотина напади, кражби, разбојништва и други кривични дела. Според извори меѓу месното население, тие по начинот на однесување, по слушнатиот говор и меѓусебното довикување во ноќите, па дури и по суровоста и безобѕирноста, препознаваат дека организираните банди ограбувачи доаѓаат од Република Албанија. Месното население за ваква наезда на организирани банди се потсетува на 1997 година, по колапсот на системот во соседна Албанија, кога големи групи државјани на Албанија нелегално ја поминувале границата и го тероризирале локалното албанско население во Македонија. И сега, како и тогаш, повеќе соговорници што сакаат да останат анонимни тврдат дека организираните банди се вооружени и опасни, па, иако можат вербално со нив да стапат во контакт и да разговараат, тие не сакаат да го сторат тоа, бидејќи припадниците на бандите од Албанија се исклучително сурови и „брзи на употреба на оружје“.

Според изјавите на локалните жители, во текот на еден ден некогаш им биле ограбувани и по девет куќи. Жителите од овие струшки села побарале и заштита од полицијата. Иако жителите велат дека полицијата е успешна во својата работа, сепак, таа не е толку бројна за на повеќе места и во исто време ефикасно да дејствува. Дури, извори меѓу локалното население тврдат дека „бандите имаат извори меѓу селаните“ и тие точно знаат каде поставила заседи униформираната македонска полиција. Заради поголем степен на заштита, локалното население од споменатите села почнало да организира ноќни стражи, но побарало и приватно обезбедување за своите домови. Во тој контекст, во неколкуте струшки села беше издвоена приватната агенција за обезбедување „Питон“, чии припадници исклучително храбро и професионално се впуштиле во одбрана на имотот и лицата на жителите на загрозените струшки села.

За дрските напади на качачките банди информираа повеќе албански медиуми. И од Министерството за внатрешни работи потврдија дека имаат сознанија за кражби во овие села, но официјални информации ни рекоа ќе се обидат да ни достават во теков на денов.

– За една вечер шест куќи, девет куќи и така натаму. Правени се многу штети, некогаш по десетици илјади евра. Се плашиме за нашата сигурност, затоа што тие што одат по кражба одат со пиштол или со автомат. Затоа народот има страв сега кога има многу кражби. Еве, ако спијам и ми влезе некој дома, со што ќе се бранам – велат загрижените жители од околните села.

Честа и најлесна цел за кражба во струшкиот регион се домовите на албанските иселеници. Најчесто разбојниците провалувале во празните куќи или оние во кои живеат постари лица. Месното население вели крадат злато, пари и бела техника. Тие ја известиле полицијата, но и по два месеца полициските службеници не успеале во целост да се справат со разбојниците. Жителите секојдневно живеат во страв и ноќе не спијат од страв да не бидат нападнати од разбојничките ограбувачки банди. Поради тоа некои од жителите веќе ангажирале фирми за обезбедување.

– Со поголем дел од жителите во овој регион соработуваме десет години. Ние заштитуваме поединечни куќи од кражби. Досега успешно ја вршиме својата работа за куќите за кои ние сме задолжени, во рамките на своите овластувања и законот. Проблемот во овој регион е тоа што некои од домовите се празни и живеат постари лица. Од истата причина често се цел на провалници, дури и постари лица се напаѓани. Во куќите најчесто се крадат материјални работи, како бела техника и други вредни работи – велат од обезбедувањето „Питон“ од Охрид.

Поради актуелните проблеми Џевдет Даути, лидерот на локалната заедница во Радолишта, побарал итна средба со полицијата во Струга за надлежните да преземат итни мерки. Ваквата иницијатива деновиве резултира со зголемено патролирањето на голем број полициски сили во Радолишта и околните села во Струга, што веќе е забележано и од месното население.

– Во соработка со полициската станица предводена од командантот Валон Хани, ние како локална заедница имаме блиска соработка. Со нивната поддршка сега гледаме стабилност во селото, по вознемиреноста поради големиот број кражби. Полицијата патролира во селото Радолишта, полициските службеници се гледаат насекаде. Би сакал овие случаи никогаш да не се повторат – вели Џевдет Даути за „Струга експрес“.
И навистина на овие жители не треба да им се повторат вакви настани, а надлежните треба и мора да им обезбедат поголема сигурност. Проблемот не е само локален, а овие жители заслужуваат мирен и спокоен живот.

Месното население препознава дека безобѕирните банди доаѓаат од Албанија