Камчева: Во стан во Капиштец ми бараа милиони евра за сопругот

421

Сопругата на бизнисменот Орце Камчев, Ана Камчева го почна сведочењето за случајот „Рекет”. Камчева рече дека на 9 ноември 2018 година пола час по полноќ нејзиниот сопруг ја разбудил и ѝ рекол дека во шест часот наутро ќе се прави претрес кај нив дома, по информација од Зоран Милески, кој бил близок со Бојан Јовановски и така се случило. Станува збор за предметот „Империја“ кој го отвори СЈО.

– Во шест имаше претрес, во 10 претрес во фирмите на „Орка холдинг“, а попладнето Јордан беше изнесен пред судија на претходна постапка”, сведочеше Камчева. Таа рече дека првпат Катица Јанева ја запознала вечерта кога биле изнесени осомничените од „Империја“ во судот. Камчева рече дека обвинителката Лиле Стефанова се однесувала недолично и на адвокатот Антонио Апостолски му рекла дека ништо не ѝ може, бидејќи моќта е кај неа – вели Камчева.

Подоцна Зоран Милески, кој бил човек од доверба на Камчев, договорил средба во стан во скопски Капиштец со адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова. Таа рече дека Димишков знаел дека за нејзиниот сопруг ќе има кривичен прогон и дека треба да соработува со него, бидејќи, ќе помине полесно.

– Ми рече дека сестра му Весна Димишкова е во блиски односи со обвинителката Лиле Стефанова – кажа сопругата на Камчев.

За слободата на Камчев, требало да исплатат 2, 4 или 6 милиони евра зависно од ситуацијата.

– Рече дека сумата е голема зашто предметот е специфичен и треба со таа сума да се пензионира сестра му. Бев вознемирена и плачев, но и изненадена што не ја знаеше крајната цена за „Рекет“. Му реков ние немаме предмет, имаме проблем – кажа Камчева. Му требало еден ден да размисли, а и таа да се консултира со сопругот.

Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен, Орце Камчев, во предметот „Империја“.

Ексшефицата на СЈО му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.

Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.

Обвинетиот Зоран Милески договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.

Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра.

Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари. Милески призна вина и доби три години затвор.