Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Министерството за внатрешни работи велат дека од страна на полициските службеници задолжени за контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата секојдневно се преземаат мерки кон возила што не ги исполнуваат пропишаните услови во согласност со Правилникот за техничките барања за системите, составните делови, самостојните технички единици, опремата, димензиите и вкупните маси и осното оптоварување на возилата

КОГА КОЗМЕТИЧКОТО УРЕДУВАЊЕ НА АВТОМОБИЛИТЕ ПРЕТСТАВУВА ОПАСНОСТ ЗА СООБРАЌАЈОТ

Секој сака да вози убав, скап и естетски автомобил и со тоа да се одвои од мнозинството возачи на автомобили. Меѓутоа, многумина за да се издвојат од толпата и за да бидат уникатни, прават драстични измени на своите автомобили, со што го ризикуваат сопствениот живот, но и претставуваат опасност за другите учесници во сообраќајот.
Низ земјава сѐ почесто може да се забележат спортски автомобили со речиси црни стакла, затемнети штопови и фарови, од кои воопшто не може да се види кога возилото кочи, кога се движи наназад, кога врти и слично…

ЗА ТРИ МЕСЕЦИ КАЗНЕТИ 351 ВОЗАЧ ЗА ЗАТЕМНЕТИ СТАКЛА

Улиците во Скопје како главен административен центар, каде што секојдневно минуваат илјадници возила, почнуваат да личат на сцени од филмовите како што се „Брзи и бесни“, бидејќи сѐ почесто може да се забележат спортски автомобили што се преправени по мера на нивните сопственици.
За жал, тоа естетско дотерување на возилата може да биде една од главните причини поради кои некој може да настрада во сообраќајна незгода.
Затемнети стакла речиси целосно, темни штопови, трепкачи и фарови се најчестите карактеристики на таквите автомобили што се возат низ улиците во земјава, а особено во метрополата.
Иако законски е дозволено до одреден степен да се изврши вакво естетско средување на возилата, сепак голем е бројот на оние што го прекршуваат законот и си ги средуваат возилата до толку што стаклата им се целосно затемнети.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека од страна на полициските службеници задолжени за контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата секојдневно се преземаат мерки кон возила што не ги исполнуваат пропишаните услови во согласност со Правилникот за техничките барања за системите, составните делови, самостојните технички единици, опремата, димензиите и вкупните маси и осното оптоварување на возилата.
– Во согласност со податоците со кои располага Секторот за сообраќајни работи, во текот на првото тримесечје од 2021 година се преземени вкупно 351 мерка кон возила по однос на затемнување на стаклата спротивно на одредбите од Правилникот – информираат од МВР.

ДО КОЈ СТЕПЕН МОЖЕ ЕСТЕТСКИ ДА СЕ ДОТЕРУВА АВТОМОБИЛ

Законската рамка, односно Правилникот за техничките барања на системите, составните делови, самостојните технички единици, опремата, димензиите и вкупните маси и основното оптоварување на возилата, целата тематика околу „козметичкото“ уредување на автомобилите го регулира во петтата глава.
– Во точка два се уредуваат уреди и опрема за нормална видливост. Во одредбите на овој Правилник е предвидено дека во возилата се вградуваат одобрени сигурносни стакла што може дополнително да се затемнат до тој степен што пропустливоста на светлина на стаклото заедно со налепената фолија на него, да биде најмалку 75 проценти за ветробранското стакло и 70 проценти за предните бочни стакла (кај возачот и совозачот – пред B-носачите) – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека ограничувањето за ветробранското стакло не се однесува на тесната лента што се поставува на горниот раб на ветробранското стакло, која е наменета за заштита од сонце.
– Доколку стаклата на задната страна на возилата се затемнети така што пропуштаат помалку од 30 проценти светлина, тогаш возилото треба да биде опремено со ретровизори на двете страни.
Напоменуваме дека е забрането поставување огледални фолии на стаклата на возилата.
Одредбите за степенот на затемнување на стаклата на возилата се однесуваат на сите категории на возила – велат од Министерството за внатрешни работи.

РИЗИК ЗА ВОЗАЧИТЕ

Возачите, пак, велат дека ги почитуваат одлуките на сопствениците на автомобили да ги разубават своите возила, но сметаат дека тоа мора да биде во границите на нормалата.
– Пред некое време удрив во едно возило, затоа што задните светла му беа затемнети, беше ден, а јас, за жал, не видов дека тој ќе вози наназад. Иако возеше полека, јас воопшто не забележав и удрив во него, само затоа што од затемнетите задни светла не успеав да видам дека сака да вози наназад – вели Михајло Доневски.
Според него, ова е голем проблем и на приклучните улици каде што е потребно да се вклучи трепкач.
– Голем проблем е кога вртат, а од тоа што им се затемнети и трепкачите воопшто не може да се види дека имаат намера да свртат. Ова е самоволие и мора да се најде начин да се спречи ваквото менување на возилата, кое претставува опасност за учесниците во сообраќајот – вели тој.

[email protected]