Затворска казна од една година и седум месеци му е изречена на обвинетиот Ш.Ј. од страна на Основниот суд во Скопје, откако тој призна вина на денешното рочиште за случајот „Двојник“ со издавањето на пасоши со лажни идентитети.

Обвинетиот кој се гони за злоупотреба на службената должност, е петтиот вработен во МВР кој призна вина за делото.

Во продолжение на денешното судско рочиште, вина за злоупотреба на службената положба и овластувања призна и вработената во МВР О.С., со што доби затворска казна од две години и пет месеци.

На претходното рочиште, посредникот доби затворска казна од две години и три месеци, додека останатите четворица обвинети кои се вработени во МВР, добија затворски казни од две години и седум месеци, две години и три месеци, односно две години, како и шестмесечна условна казна.

Судијката Оља Ристевска го води случајот, додека Спасенка Андонова е застапник на обвинението. Судењето ќе продолжи на 11 мај.