Извештајот за неправилностите во општина Карпош испратен до ОЈО и до финансиската полиција

1172

Долг од 18 милиони евра акумулиран изминатите години, дополнителни долгови, ненаменско користење кредит од 2,6 милиони евра, почнување изградба на нова општинска зграда без соодветна документација и одлука на Совет, простории во кои е сместена општина Карпош – дивоградба, како и доделување средства на граѓански организации без договори и повратни извештаи за потрошените пари, констатирал Државниот завод за ревизија во Извештајот за работата на општината за 2016 година.

Градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев на денешната прес-конференција истакна дека Извештајот е доставен до Управата за финансиска полиција и до Основното јавно обвинителство, од кои очекува да си ја извршат својата работа професионално и да утврдат дали има криминал и злоупотреба на средства.

– Јас не сакам однапред да зборувам ниту да упатувам какви ќе бидат нивните наоди. Извештајот не сум го сегментирал, делел, тој е испратен цел. Утврдувањето на евентуална одговорност е работа на институциите до кои е испратен, рече Богоев.

Вели дека иако извештајот се однесува на работењето во периодот на неговиот претходник Стевчо Јакимовски, не се работи за некаква лична порака, туку само реализација на предизборното ветување за ревизија на работата на општината и јавно објавување на наодите.

Вкупниот долг на Карпош е 18 милиони евра или 1.105.000.000 денари, но, Државниот завод за ревизија посочува дека покрај главниот долг, кој најчесто потекнува од минати години (2012, 2013, 2014, 2015), општината должи и големи суми за дополнителни трошоци (адвокатски, нотарски, трошоци за извршител, процесни и парнични трошоци).

Во 2014 година се подигнал и кредит од 160 милиони денари (2,6 милиони евра). Намената на кредитот бил за тековни инфраструктурни проекти во Општината, но, ревизорскиот тим констатирал дека е потрошен ненаменски. Средствата целосно се искористени за плаќање на заостанати обврски.

Во врска со изградбата на административниот објект, Богоев истакна дека е почната е врз основа на проект што не бил одобрен од страна на Советот на општината, неизменето одобрение за градба.

Додаде дека нерегуларности има и кај постоечките простории во кои е сместена општина Карпош, односно изградбата на бараките е без одобрение за градење и без одлука од Советот.

Ревизорот, информира Богоев, констатира ненаменско и неоправдано трошење на буџетските средства, со доделување средства без потпишување договори на повеќе организации, здруженија на граѓани, поединци и правни лица, спортски клубови кои не давале финансиски извештаи, фактури за начинот на кој ги потрошиле доделените средства.

Во 2016 година, исплатени се средства во износ од 38 милиони денари (618 илјади евра) на КК Соколи, а за доделените средства, клубот нема дадено детални податоци за начинот на кој се потрошени.

– Во претстојниот период, општина Карпош ќе постапи согласно препораките на Државниот завод за ревизија, со цел локалната самоуправа да се врати во колосек и да се обезбеди целосно законско работење и располагање со буџетските средства, рече Богоев.

Додаде дека ревизорскиот тим не изразил мислење, што значи се квалификува дека финансиско – материјалното работење на општината е на најниско можно ниво, односно оценката е помоша отколку кога мислењето би било негативно.