Ивановска: Родителите очекуваат правда за убиството на нивните деца

359

Овие родители зад мене доаѓаат секој ден и очекуваат нешто сериозно, очекуваат правна држава, изјави адвокатката на оштетените во случајот „Монструм“, Дафинка Ивановска, по денешното рочиште и по преслушувањето на 25 прислушувани материјали од СЈО.

Таа рече дека е чудно што информации за ваков крупен случај имале луѓе како Оливера Трајковска и Орце Камчев, кои воопшто не се поврзани со случајот, а разговарале на телефон.

Според неа, тажно е што дел од тогашната власт договарала по телефон да се одлагаат рочишта за случајот за остварување на нивните политички цели алудирајќи на разговорот меѓу тогашните министри Гордана Јанкулоска и Блерим Беџети, во кој Беџети бара одлагање на рочиштето за „Монструм“ пред да да го испрати барањето за екстрадиција до Косово за обвинетите во случајот – Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

-Непримерно е власта да има влијание врз судството – рече Ивановска.

Таа посочи дека во „бомбите“ нема ништо конкретно и дека нема одговор досега зошто не беа никогаш есктрадирани обвинетите за случајот. Судењето продолжува на 4 октомври.