Зоран Милески осуден на три години затвор

320
Фото: Игор Бансколиев

Третообвинетиот за случајот „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец е осуден на три години затвор откако тој вчера призна вина за случајот и предметот за него беше одвоен од оној против Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева. Милески е осуден за кривично дело примање награда за противзаконско влијание за која е предвидена казна затвор од една до 10 години. Тој има право на жалба до Апелациониот суд само во делот на висината на казната.

Тој ќе треба да ги надомести трошоците за постапката, а ќе му бидат одземени и два мобилни телефони, два рачни часовниници, таблети, ајпади, лаптоп…

Обвинителката Вилма Русковска побара притворот да му биде продолжен се до издржувањето на казната. Неговиот адвокат Александар Новаковски предлага куќниот притвор да биде укинат, бидејќи татко му е во тешка здравствена состојба и нема кој друг да се грижи за него.

– Тој досега покажа и призна вина, мислам дека треба да се укине мерката притвор. За тоа доставивме и документација и како син единец треба да биде пуштен да се брани од слобода и нема каде да се даде во бегство – рече неговиот адвокат Александар Новаковски.

Милески беше обвинет за примање награда за противзаконско влијание во случајот „Рекет“.

За останатите обвинети Катица Јанева и Бојан Јовановски постапката продолжува в петок, на 6 декември. Јовановски е обвинет исто така за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари, а Катица Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување.

Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО Катица Јанева и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“.

Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.

Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.

Обвинетиот Зоран Милески договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев еден милион евра.

Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра. Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари, а Милески за противзаконско влијание.