Затворска казна за Груевски, а условна за Јанакиески за „Насилство во Центар“

330

Судот изрече казна затвор од една година и шест месеци за Никола Груевски, а за Миле Јанакиески условна казна од една година доколку во следните четири години направи кривично дело. Казни добија и петте лица кои обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски ги гонеа како извршители на насилството. Александар Трајковски, Дарко Стојчевски добија условна казна девет месеци ако во рок од три години сторат ново кривично дело, додека Даниел Трипуновски, Трајче Петковски и Игор Бошковски добија шест месеци условна казна доколку следните две години сторат кривично дело. Сите се осудени за кривичното дело насилство.

– Обвинетите се виновни – рече судијата Душан Јосифов.

Тој образложи зошто предметот се суди со години.

– Како судија бев соочен со пречки, кои беа последица постапката да се води до денес. Бранителите често пати отсуствуваа, обвинетите бараа одложување поради болест, предметот беше и во Судски совет. Но и покрај тоа, испитување на сведоци, докази, судот во законски рок со почитување на правата на странките ја заврши постапката – рече судијата Јосифов.

Предметот „Насилство во Центар“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, а во Кривичниот суд се суди веќе четврта година. Обвинетите се товареа, а судот им досуди казни, поради поттикнување и организирање насилни протести пред просториите на Општина Центар во 2013 година, за време на седница на Советот каде се разгледувале детални урбанистички планови. Според обвинението, на демонстрантите им било кажано дека ќе протестираат поради наводно рушење на црквата св. „Константин и Елена“ која е во фаза на изградба на улица Македонија.

– Откако обвинетиот Никола Груевски дознал дека била закажана седница на која требало да се расправа за поништување на неколку ДУП-ови, меѓу кои и деталниот урбанистички план за „Мал Ринг“, во телефонски разговор со второобвинетиот Миле Јанакиески побарал да организира да се собере група членови на партијата и да се изврши грубо насилство врз градоначалникот Андреј Жерновски. Јанакиески го прифатил барањето и истиот преку осудениот Томислав Лазаров како член на хиерархиски подредените органи на партијата дал насоки во времето кога ќе се одржи седницата, да се организираат пред општината да пристигне поголема група членови на ВМРО-ДПМНЕ и да го спречат одржувањето на седницата со грубо насилство – пишува во дел од обвинението.

Понатаму, обвинителите Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи додаваат дека осудениот Томислав Лазаров кој доби условна казна го организирал дел од членството.

– Пред Општина Центар се собрала поголема група, меѓу кои и обвинетите, кои во група со непознати лица влегле во дворот и почнале насилнички да се однесуваат коноштетените – се додава во обвинението.

Обвинета во случајот беше и екссоветчниката во Центар, но и пратеничка Даниела Рангелова, која беше ослободена од обвинението кога се даваа завршните зборови.

Осудениот Груевски, истовремено е и помилуван за предметот „Насилство во Центар“ од експретседателот на државата, Ѓорге Иванов. Неговиот адвокат назначен по службена должност, откако Груевски избега во Унгарија и стана азилант, пред судот рече дека не може да му се суди на неговиот клиент, повикувајќи се на аболицијата.