Запленети 91 килограм марихуана во Кичево, тројца приведени

233

МВР вчера во Кичево приведе три лица од Скопје и заплени 91 килограм марихуана. Против тројцата приведени и за уште три други лица, две од Струга и едно од Скопје, се поднесени кривични пријави за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Како што информира денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски, пријавените ја набавиле марихуаната од соседна Албанија и ја складирале во Струга, со цел да ја транспортираат во Скопје. Вчера во утринските часови, марихуаната требало да биде пренесена во Скопје и била сместена во возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, во кое биле двајца од приведените, а пред него во улога на тн. чистач се движело возило „БМВ“ со прилепски регистарски ознаки управувано од еден од сега приведените.

По претходно изготвен оперативен план, од страна на полициски службеници на влез во Кичево, сопрено е „мерцедесот“, а во исто време на излез од Kичево е сопрено и другото возило„БМВ“, а сите три лица се лишени од слобода. Од извршениот преглед на „мерцедесот“ биле пронајдени девет вреќи и една патна торба со марихуана.

На тројца од пријавените судија на претходна постапка им одреди мерки притвор во траење од по 30 дена, едно лице веќе издржува казна затвор во Казнено-поправен дом Струга и е префрлен во Истражниот затвор во Шуто Оризари, а по две лица полицијата се уште трага.