Запалил полициско возило и пукал кон полициски службеници

278

Полициски службеници при СВР Куманово синоќа на улицата Трета македонска бригада во Куманово, забележале човек кој предизвикува пожар на полициско возило „шевролет спарк“, кое било паркирано пред поранешениот Дом на АРМ.

Како што наведува МВР, лицето се дало во бегство, а по кусо време од страна на полициски службеници било забележано на улица Боро Прцан, но не ја почитувало дадената наредба за застанување, туку вперило огнено оружје и испукало неколку проектили кон нив, по што побегнало. Во инцидентот нема повредени.

Опожареното возило е изгаснато по интервенција од страна на Противпожарната единица Куманово. Во координација со Јавен обвинител извршен е увид на местото на настанот од страна на увидна екипа од СВР Куманово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.