Запалил возило, па пукал кон полицајци

95
Фото: Игор Бансколиев

Вчера, два часа по полноќ, во Куманово, непознато лице подметнало пожар во полициско возило „шевролет спарк“, но откако било забележано испукало три куршуми кон полицијата и избегало.

Сторителот бил забележан како го пали возилото, кое било паркирано пред поранешниот Дом на АРМ, од страна на полицаец додека вршел редовно обезбедување на булеварот Трета македонска ударна бригада. Кога забележал дека го видела полицијата, сторителот веднаш побегнал.

По кратко време полицајците го забележале на улицата Боро Прцан, но тој не ја почитувал дадената наредба за застанување, туку испукал неколку проектили кон нив и повторно избегал.
Од СВР-Куманово велат дека нема повредени, а инцидентот го потврди и дополнителната заменик-министерка за внатрешни Славјанка Петровска.
Опожареното возило „шевролет спарк“ е изгаснато по интервенција на територијалната противпожарна единица од Куманово, а јавен обвинител извршил увид на местото на настанот.

Од МВР засега не знаат за кое лице станува збор, ниту пак зошто напаѓачот извршил напад врз полицијата. Интензивно се преземаат мерки за расчистување на случајот и за пронаоѓање на сторителот.