Заев ќе сведочи во Кривичен суд

107

Со сослушување на сведоци предложени од обвинителството во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судскиот процес за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година.

На денешното рочиште, како што е најавено, треба да бидат сослушани четворица сведоци, меѓу кои и премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски,  Вејсел Мемеди и поранешниот пратеник Никола Тодоров.

На вчерашното рочиште беа сослушани Петре Шилегов и Мухамед Зеќири.

Шилегов, во сведочењето пред судот, рече дека ходниците во Собранието се како Пентагон и дека некој мора да им кажал на напаѓачите како да стасаат до прес-центарот.

– Гледав како 5-6 полицајци со шлемови на главата ја пуштаат ордата да влезе да ме убива. Дива орда од 50 луѓе влезе во прес-центарот и почна со сè и сешто да мава по нас. Кога ќе удрите некој со предмет тежок 12 килограми, тоа е ладно оружје, рече Шилегов.

Пратеникот Зекири, во изјавата пред судот, посочи дека на обвинителната клупа меѓу обвинетите го видел лицето кое држело пиштол во прес-салата.

– Лицето кое го дижеше пиштолот денеска го видов на обвинителната клупа и е меѓу обвинетите. Тоа како што сите знаеме е Игор Југ. Јас во исказот го опишав како изгледаше човекот што го држеше пиштолот и на кој му испадна пиштолот во прес-салата и потоа се наведна да го земе, изјави Зекири по завршувањето на испитувањето.

На претходните рочишта сведочеа и Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.
 
Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се теретат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.