Заев: Сведочењето за „Монструм“ беше трауматично, но мора да се дојде до вистината

358

Поранешниот премиер Зоран Заев по сведочењето за случајот „Монструм” во Кривичниот суд изјави дека за него ова е траума, но два и пол часа давал исказ за да се дојде до вистината.

– ПИ-мерките беа јасни во тоа време за осомничените. Дел се од разговорите од неовластеното прислушкување. Истрагата може ќе покаже дека дел се виновни, дел не се виновни. Јас не оценувам кој е виновен кој не. Ако постојат докази за вина, тогаш треба да има вина. Ако нема вина, нема вина. Постои независно судство и така се носи сега правдата во правна држава – рече Заев, додавајќи

Тој се осврна и на причините поради кои осомничените не се испорачани од Косово.

„Ние имаме недокрај потпишани договори со Косово и веројатно тоа се причините поради тоа зошто не се испорачани осомничените. Не може Косово тоа што според закон не може да се испорача“.

Заев сведочеше на денешното рочиште за „Монструм“ во Кривичниот суд, на барање на родителите на убиените момчиња кај Смилковско езеро во април 2012 година.

Тој рече дека сите материјали ги доставил до СЈО, а дека дел од аудио снимките им ги пуштил, но не им ги дал на родителите. Заев пред судот изјави дека нема сознанија за вмешаност на лица во случајот ниту од неговата партија СДСМ, ниту пак од ВМРО-ДПМНЕ.

Во петкратното убиство на 12 април 2012 година беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, а на осудените им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето, „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.