Заев за прислушувањето: Груевски бараше да му пуштам бомби

1559

Премиерот Зоран Заев и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков попладнево се соочија во судницата на сведочењето за предметот со масовното прислушување „Таргет-Тврдина“ на СЈО.

Заев како сведок рече дека првпат слушнал дека во државата нелегално се прислушува во 2013 година од, како што рече, професор доктор Зоран Верушевски, непосредно по неговиот избор за претседател на партијата. Тогаш Верушевски бил претседател на партиската комисија за безбедност.

– Верушевски ме запозна со работата на комисијата. Еден сегмент беше нелегалното следење на комуникациите – рече Заев. Тој појасни дека имале материјали во пишана форма и аудиоматеријали.

Според него, најмногу била прислушувана тогашната опозиција, на второ место биле новинарите, па експертите, меѓу кои и универзитетските професори, претставници на невладините организации и верските заедници, неколку броеви на високи претставници на тогашната власт и претставници на албанските политички партии.

Заев кажа дека бомбите биле заклучени во простории на СДСМ, со процедури и стандарди, а пристап имале само тој и Зоран Верушевски.

Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, кои ги предадоа материјалите, тогаш не ги познавал и, како што рече, немал информации дека преку нив одел преносот на бомбите, а дека тој бил следен и со посебни истражни мерки.

– Ја потврдувам автентичноста на моите разговори и СМС-пораки – рече Заев, на прашање на обвинителот дали прислушуваните материјали се негови.

Заев кажа дека четири пати се сретнал со тогашниот премиер Никола Груевски во неговиот кабинет до првата објава на бомбите на 9 февруари 2015 година и му раскажувал содржини од бомбите.

– Груевски се шегуваше на средбата дека тоа не е точно, дека не може да поседуваме такви материјали – кажа Заев во сведочењето пред судот.

Досега како сведоци во предметот беа сослушани инженерите во поранешното УБК, Ѓорѓи Лазаревски, Звонко Костовски, Сашо Трајковски и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски.

– Еден од тие разговори беше како тој тајно купува плац на Водно – рече Заев за поранешниот премиер. Груевски барал и лично од Заев да ги чуе аудиоматеријалите, но Заев тоа не му го овозможил, туку само му ја раскажувал содржината.

Обвинети се 12 лица, меѓу кои поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои избегаа во Грција, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, тогашнииот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски.

Обвинетата Елена Џиланова призна вина и доби условна казна затвор. Првото рочиште за предметот се одржа на 22 декември 2017 година.

Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.