„Задолжително присуство со приведување“ во поканата за Алими за следното рочиште

119

Судијката Марија Клетничка Марковска ја одложи главната расправа за предметот „Титаник 3“, на која требаше да бидат испитани обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими,  за 13 септември.

Во образложението судијката рече дека на Алими ќе му се достави покана на која ќе пишува „задолжително присуство со приведување“. Поканата ќе му се достави и на домашна адреса и на работното место.

Судот ќе испрати и известување до Собранието за терминот на следното рочиште. За наредното рочиште одбраната и обвинителите треба ги испитуваат обвинетите и да ги изнесат завршните зборови.

Алими и на почетокот бараше одлагање на судењето поради обврски во Собранието. Денеска рочиштето беше одложено затоа што Алими требало да биде присутен на редовна понеделничка координација. Лично претседателот на Собранието Талат Џафери ги потпишал известувањата до судот дека Алими замолува да биде присутен на редовните закажани координативни средби во парламентот.

Во третиот „Титаник“ на СЈО обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури, заменик директорот на УЈП Скопје. Како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година, тие уништиле изборен материјал.

Според обвинението, Алими и Гури влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ.

Првото рочиште за предметот се одржа на 16 март 2018 година.