Жалбата на Јанева одбиена од судот, обвинителката останува во притвор

365
Фото: Игор Бансколиев

Кривичен совет од тројца судии ѝ ја одбил жалбата на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, за определениот 30-дневен притвор, потврдија од скопскиот кривичен суд. Тоа значи дека Јанева останува во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.

Доцна синоќа судијата Седат Реџепагиќ ѝ определи притвор на шефицата во оставка на СЈО, по барање на Обвинителството за гонење организиран крииминал и корупција.

Јанева е третоосомничена во истрагата „Рекет“. Таа, според Обвинителството, му овозможила на осомничениот Орце Камчев поповолна позиција во истрагата на обвинителката Лиле Стефанова за предметот „Империја“, при неизменети околности и предложила да излезе од притвор.

Освен тоа, во план било Камчев да добие статус на заштитен сведок или да му биде понудена спогодба.

Јанева вчера беше уапсена во нејзината куќа во скопско Козле и однесена првин во СЈО, па потоа и во кривичниот суд. Утрово беше донесена на погребот на нејзината мајка во родната Гевгелија.

Шефицата на СЈО е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластување. Доколку биде поднесено обвинение и биде осудена ѝ се заканува казна затвор од најмалку три години.