Едно лице под истрага на ОЈО поради поседување оружје и дрога

74

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице затоа што постои основано сомнение дека сторило кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, како и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Припадниците на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје во неговиот дом пронашле и одзеле 448,95 грама марихуана, 389,17 грама хероин, 66,73 грама хашиш и 1,79 грама кокаин во различни пакувања, како и неколку дигитални ваги со остатоци од различна наркотична дрога.

Кај осомничениот е пронајдено и огнено оружје, еден револвер марка „Astra Cadix“ од шпанско производство, како и еден пиштол марка „Ekol Special 99“ со рамка кој бил пренаменет во огнено оружје, како и 199 куршуми од различен калибар.

Поради постоење на опасност од бегство и околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот би можел да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.