Едномесечен притвор за напаѓачот кој претепа скопјанец на Кеј „13 Ноември“

174

Напаѓачот кој на 3 август на кеј „13 Ноември“ физички го нападна 66-годишниот скопјанец кој потоа почина од нанесените повреди, е фатен и одредена му е мерка притвор од 30 дена.

Од МВР денеска информираа дека е поднесена кривична пријава против 43-годишниот А.Б. Тој на 3 август околу 2 часот по полноќ во алкохолизирана состојба дошол пред монтажниот објект за продажба на книги каде во тој момент престојувал сега починатиот С.М. и започнал да тропа по прозорците. Откако С.М. му отворил, напаѓачот почнал вербална расправија и без никаков повод физички го нападнал удирајќи го со тупаници и клоци по телото и главата.

Од ударите С.М. се здобил со нагмечување на мозочната маса и пренесен е во Ургентниот центар во Скопје каде на 11 август им подлегна на повредите.

Врз телото на починатиот е извршена обдукција при што е констатирано дека се работи за насилна смрт која настапила како последица од нанесената тешка телесна повреда.

Од Јавното обвинителство денеска соопштија дека се исполнети законските обврски за определување на мерката притвор.

– Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи за определување на мерката притвор за осомничениот и достави Предлог до Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на осомниченото лице со Решение му изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена – се наведува во соопштението.