Европа троши тони пиротехника, во Македонија се бројат запленети петарди

143

Според Евростат, само во 2018 година во Европската Унија на годишно ниво биле увезени 128 илјади тони огномет. Според Министерството за внатрешни работи во Македонија, претходната година биле запленети 100.168 петарди

Многу пиротехника беше потрошена за време на празничните денови што ги имавме периодов, кои поминаа со испукување многу петарди, па и огномети на небото. Прославувањето на големите празници кај нас, но и во светот, како да не може да помине без да се користат разни пиротехнички средства. И покрај тоа што Европската Унија има одредени регулативи со кои се пропишува намалување на користењето на пиротехничките производи, податоци од Евростат покажуваат дека токму Европа увезува големи количества пиротехнички средства за огномети, и тоа 99 отсто од Кина. Пиротехниката, особено петардите, и кај нас се составен дел на новогодишните празници и се трошат во најголеми количества, иако нема официјален податок колкаво количество пиротехника е потрошено. Министерството за внатрешни работи располага само со податоци за тоа колку пиротехника е запленета, односно колку парчиња петарди се запленети од нелегалната продажба, а податоците покажуваат дека во 2019 година биле запленети 100.168 петарди.

За да се подобри безбедноста, Европскиот парламент и земјите-членки уште во 2010 година прифатија предлог-мерки од Европската комисија и воспоставија јасен сет на заеднички правила за побезбедна употреба на пиротехнички производи во цела ЕУ. Целта на овие мерки е да се намалат повредите што можат да бидат резултат од употребата на пиротехничките средства. Освен што пиротехничките производи може да претставуваат голем ризик за потрошувачите, нивното користење предизвикува загадувањето во воздухот. Иако се промовира намалување на загадувањето и се ограничува користењето пиротехнички средства, податоците од Евростат покажуваат дека во земјите на Европската Унија сепак се користат огромни количества пиротехнички материјали за огномети. Само во 2018 година во Европската Унија на годишно ниво биле увезени 128 илјади тони огномет. Најголеми увезувачи на огномет се Германија, со 43 илјади тони, или 34 проценти, и Холандија, со 31 илјада тони, односно со 24 проценти од вкупниот број пиротехнички материјал за огномет увезен во ЕУ. И во Македонија се користат големи количества пиротехника, а најмногу петарди.

Од МВР велат дека Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за заштита од експлозивни материи и Кривичниот законик, неовластената употреба на пиротехнички средства (петарди, палење ракети и други пиротехнички средства) со кои се нарушуваат јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните предвидува казна во износ од 200 до 500 евра.

– Како резултат на преземените мерки во периодот од јануари до септември 2019 година се запленети 100.168 петарди. Во втората половина од декември, на подрачјето на СВР-Тетово се пронајдени и одземени околу 5.000 парчиња разновидни пиротехнички средства, во најголем број петарди, ракети и огномети. Исто така, околу 3.000 парчиња во овој период биле откриени во Гостивар, а се продавале на тезги на големиот гостиварски пазар и на улицата Браќа Ѓиновски. Двете лица продавачи се лишени од слобода и подготвени им се соодветни поднесоци, во согласност со членот 396 од Кривичниот законик.

Во Тетово, пак, на импровизирана тезга во изминатиот месец биле пронајдени околу 2.000 парчиња пиротехника, оставени од непознат продавач. На 26.12.2019 во 14.30 часот, на улицата 192, на подрачјето на Бит-пазар, од полициски службеници од полициската станица Бит-пазар биле пронајдени и одземени 13.182 разновидни пиротехнички средства – велат од МВР.

Овие податоци се нецелосни, затоа што МВР ги обработува и сумира податоците на конечната бројка за пиротехнички средства за 2019 година. Оттаму додаваат дека полицијата континуирано презема мерки и активности во следењето на употребата на петарди и другите пиротехнички средства што ја загрозуваат безбедноста на граѓаните, и тоа преку превентивен план, преку кампањи за подигање на свесноста од последиците и намалување на нивната употреба.

– Во насока на сузбивање на оваа појава, која е поизразена во пресрет на новогодишните и божиќните празници, како и секоја година, така и оваа, Одделенијата за превенција при сите сектори за внатрешни работи во Министерството спроведуваа кампањи, изработуваа летоци и плакати и одржуваа разни предавања, преку кои укажуваа на можните последици од употребата на пиротехничките средства – велат од МВР.