Дуковски бара да се укине притворот на Боки 13

250

Почна јавната седница во Апелациониот суд по жалбата за притворот на Бојан Јовановски познат како Боки 13, кој е осомничен во случајот „Рекет“. Јовановски утринава од затворот во Шуто Оризари беше донесен во судницата. Седницата доаѓа откако Кривичниот суд му го продолжи притворот за нови 30 дена.

Адвокатот на Бојан Јовановски побара укинување на притворот и замена со друга мерка, бидејќи неговата здравствена состојба е сериозна влошена и може да има смртна последица. Дуковски до судот достави и медицинска документација во која доктор Зоран Спировски од Клиниката за торакална хирурхија дава мислење дека Јованоски мора итно да биде хоспитализиран.

– За да не излезе дека плачеме и молиме, сакам да ве запознаам со медицинската белешка. Секој втор ден осомничениот се носи во Клиниката за торакална хирургија за да прима терапија и да се интервенира. Има две неуспешни операции и додека е во притвор има големи проблеми. Докторот кој го третира осомничениот ми издаде негов став, а тој предлага неопходна хоспитализација. Може да се случи смртна последица. Професор доктор Спировски Зоран издаде мислење. Поевтино е да биде хоспитализиран, отколку секој ден да го носат на клиника – рече Дуковски.

Тој како бранител на Боки 13 посочи дека со решението за продолжувањето на притвор издадено од Кривичниот совет осомничениот веќе бил осуден. Дуковски вели дека нема основи за продолжување на притворот.

– По принципот на економичност, во врска со основот попречување на истрага, нема основи бидејќи истрагата е завршена. Овие решенија за притвор се во спротивност на праксата на Стразбург. Решението донесено во фаза на истрага, со образложението укажува на тоа дека е виновен за се. Тие велат ‘начинот на извршување на кривично дело’, кажувајќи го во минато време, како да е завршено. Велат ‘степенот на кривична одговорност’, ‘соочување со реална можност за изрекување казна затвор’ – тие веќе го осудија. Ова не се основи. Ние сме сигурни дека обвинетиот нема да се даде во бегство, судот може да примени превентивна мерка. Не може Кривичен совет да се вклучува во кривична одговорност. Советот испитува морив во фаза на истрага. Тогаш не треба судење. Притворот треба да биде најкраток. Имаме завршена истрага и во таква фаза, само во исклучителни случаи може да биде продолжена. Неосновани се ставовите на кривичниот совет – рече Сашо Дуковски.

Јовановски, заедно со осомничениот Зоран Милевски-Кичеец, се во притвор од 15 јули. Во притвор за истиот случај е и поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева.

– Останувам целосно на искажаното на мојот бранител. Покрај тоа што мојот бранител наведе дека два пати сум неуспешно опериран, би додал дека мојата состојба е животно загрозувачка. Јас повраќам константно во тие услови. Затворскиот лекар има желба да помогне, но не може поради состојбите. Имам органски проблем. Јас сум во добра психичка состојба. Неуспешните операции се поради лекарска грешка. Пресечен ми е нерв од желудникот и затоа повраќам, ова ми го кажа докторот Спировски од Торакална хирургија. Имам проблем со белите дробови и уште четири дијагнози. По многу од укажаните упатствија од затворскиот лекар, условите кај што се наоѓам не го дозволуваат тоа. Физички изгледам добро, но тоа не ја отсликува мојата здравствена состојба. Во оваа постапка треба да бидам жив и здрав, а не мртов. Во однос на бегството, би сакал да додадам дека мојот лик и дело, семејство, менталниот склоп, не укажуваат на тоа. Кога бев уапсен, не бев даден во бегство, туку имав уплатено седум дневен одмор со пријатели. Јас живеам за докажување на вистината на овој случај, докажување на мојата невиност. Свесно кажувам дека сум тука целосно со сите мои сознанија, факти и докази, да учествувам во фер постапка – истакна Јовановски.

Бојан Јовановски познат како Боки 13, кој е осомничен во случајот „Рекет“ на јавната седница во Апелациониот суд по жалбата за притворот.

Боки 13 и Кичеец се осомничени дека зеле 1,5 милиони евра за преку јавен обвинител врз кој имале влијание да ја олеснат положбата на лице кое е под истрага. Двајцата се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари. Истрагата за „Рекет“ потоа беше проширена и за Јанева, која е осомничена за злоупотреба на службената должност.