Дисциплинска за полицаецот што удри граѓанин за време на редовна контрола

467

МВР поведе постапка за утврдување дисциплинска одговорност за полицискиот службеник, кој беше снимен како удира граѓанин, при вршење редовна служба.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР по добиениот видеозапис на кој е снимено како униформиран полициски службеник удира граѓанин, постапи согласно своите надлежности и утврди дека на 6.7.2020 во 16:30 часот при вршење редовна служба полициски службеник запрел возач со патничко возило „јагуар“ кој претходно не ги почитувал сообраќајните правила и прописи. На возачот за констатираниот прекршок му бил издаден прекршочен платен налог при што полицискиот службеник без основ употребил физичка сила – удар со рака во пределот на лицето. Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандари констатирано е дека полицискиот службеник Љ.П постапил спротивно на Правилата и прописите за што е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност согласно член 225, а во врска со член 208 став 1 точка 4, 10 и 14 од КД на МВР, а мерка укажување согласно член 207 став 1 и алинеја 1 од КД на МВР, е изречена против тројца полициски службеници кои ги извршувале работните задачи без заштитни маски. За извршените проверки ќе биде доставено известување до надлежното јавно обвинителство за гонење сторители на кривични дела на лица со полициски овластувања.

Исто така, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе иницијатива за поведување постапка за утврдување дисциплинска постапка пред надлежна комисија во МВР, против М.А., вработен во Одделението за управни работи Охрид поради тоа што постапил спротивно на член 168 од ЗВР според кој вработен во МВР не смее да основа, раководи, застапува или претставува политичка партија и да биде член на органите на партијата. М.А. постапил и спротивно член 9 од Изборниот законик на РСМ според кој на овластените службени лица во МВР им мирува работниот однос откако ќе бидат утврдени како кандидати, но и спротивно интерните акти на министерството.