Дај ни пари или синот ќе лежи во затвор поради сообраќајка

841

Син ти направи сообраќајна несреќа во која загина дете. Да ни дадеш пари и ќе средиме тој да не лежи во затвор. На овој начин вчера била измамена 68-годишна скопјанка која случајот го пријавила во полицијата.

Од МВР велат дека жената добила повик на домашниот телефон во станот на нејзиниот син. Ѝ се јавило непознато лице кое и кажало дека наводно нејзиниот син направил сообраќајка, при што згазил дете кое починало. Потоа тој и побарал 50.000 евра за наводно да „среди“ да не биде казнет нејзиниот син, а во спротивно тој би бил казнет со затвор до десет години.

Жената му кажала дека немала толку пари, по што тој ја прашал колку можела да најде. По кратко време, му дала 135.500 денари на таксист кој го испратило лицето со кое зборувала. Подоцна оштетената исконтактирала со нејзиниот син и сфатила дека била измамена за сума од 135.500 денари.

Жртва на иста измама пред три дена беше жена во Свети Николе. И беа изнудени 2.000 евра, со лага дека нејзината внука предизвикала сообраќајна незгода во која загинало осумгодишно дете.