Груевски, Јанакиевски и Трајковски на судење на 4 мај

1054

Во Кривичниот суд во Скопје предмалку почна и веднаш се прекина новото рочиште од предметот на СЈО „ТНТ“. Причина за новото одложување на расправата, според судијата Огнен Ставрев, е што се уште нема одлука за изземање на судиите, побарано од одбраната на обвинетите Никола Груевски, Миле Јанакиески и Тони Трајковски. 

Новото рочиште е закажано за 4 мај, во 11 часот.

Одбраната на минатото рочиште побара изземање на судечкиот совет, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и в.д. претседателот на Апелацискиот суд Лидија Димчевска. По барањата на одбраната одлучува Врховниот суд на РМ.

Барањето, како што образложија адвокатите, е поради тоа што специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дала изјава на национална телевизија дека има судии кои постапуваат по предмети на СЈО, а биле прислушувани. 

На денешниот претрес во судот беа присутни обвинетите Груевски, Јанакиески и Трајковски, како и оштетениот Фиат Цаноски.

Случајот „ТНТ“ се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина (ПЕИ), Фијат Цаноски, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Според обвинителниот акт, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари.

Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.