Во Љуботен запленети над 12 тони тутун

237

Над 12 тони тутун е одземен од жителите на Љуботен по спроведената акција во селото. Нема уапсени, бидејќи истрагата не е против физички лица, туку таргет се четири правни лица кои нелегално го увезувале тутунот.

Директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, вели дека за две години, буџетот на државата е оштетен за над 7,5 милиони евра бидејќи не бил плаќан данок за стоката. Муареми рече дека од Љуботен биле одземени и машини со кои тутунот се преработувал.

– Во текот на 2018 и 2019 година дејствувале повеќе правни субјекти кои вршеле увоз на тутун од соседните земји Албанија, Србија, Грција и Бугарија, а потоа истиот, на црно се дистрибуирал и продавал на повеќе физички лица. Од наша страна постоеше сомневање дека физичките лица нелегално поседуваат машини со кои тутунот го преработувале, а потоа тој се продавал без акцизна бандерола на црниот пазар. Продажбата не се евидентирала никаде, а производителите и продавачите не плаќале данок. Тутунот бил наменет за пушење. Во 2018 година, буџетот бил оштетен за 5,5 милиони евра, а во 2019 година за над 1,8 милиони евра – наведе Муареми.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, вели дека институциите работат за да се сузбие нелегалната продажба на режаниот тутун кој се продава на пазарите. Според него, при производство на ваков тутун се користат пестициди кои штетат на здравјето, а поради несоодвтениот начин на чување има и мувла, којашто понатаму доведува до појава на рак.

– Нелегалната продажба на режан тутун штети на здравјето на граѓаните. Продажбата на ваков тутун има штетни последици. Овој вид на тутун нема никакви документи за начинот на производство, а не е контролиран ниту квалитетот. Во почетокот на годината Царинската управа формираше посебно работно тело за следење на оваа појава. Во координација со другите институции работиме за да ја сузбиеме нелегалната продажба на режаниот тутун кој се продава на пазарите. Пративме и мустри за анализи кои беа земени на различни места во државата, а дел од нив покажаа дека при одгледувањето се користат пестициди. Нережаниот тутун има и катран во недозволени количини. Поради несоодветниот начин на чување има и мувла, која преизвикува токсини, што доведува до појава на рак – изјави Танасоски.