Во услови на пандемија се шири нелегалниот бизнис со стероиди

На европскиот нелегален пазар за време на пандемијата се продаваат средства за допинг што содржат активни состојки и нечисти соединенија, а се произведени без медицински надзор и дозвола… Потребата на спортистите вештачки да го надоместат она што го загубиле како физички перформанси за време на корона-паузата е причина наркобосовите да смислат начин како да им се приближат и да профитираат на нивна сметка…

Криминалот со допинг-средства ги намамува спортистите вештачки да ја „надоместат“
паузата од тренинзите

Една од најголемите опасности во спортот е употребата на недозволени стимулативни средства, популарно наречени допинг. Користењето недозволени стимулативни средства за некои спортисти можеби ќе донесе врвни спортски резултати, но сметката се плаќа подоцна, кога ќе се појават тешки здравствени проблеми.

Нова успешна акција на Европол за сузбивање мрежа за трговија со стероиди

Француската жандармерија и француската царина, поддржани од финансиската грчка полиција и Европол, успеаја да сузбијат криминална мрежа за производство и трговија со средства за допингување и фалсификувани лекови. На денот на спроведувањето на акцијата, француската полиција успешно демонтира две лаборатории каде што се произведувале стероиди, при што беа уапсени 24 осомничени лица. За време на рациите што се реализираа во повеќе градови низ Франција, полицијата запленила повеќе нелегални супстанции и предмети. Освен што биле запленети 26.400 евра во готовина, биле запленети и две возила, материјали за производство, машини и етикети од демонтираните лаборатории, 1.125 полни шишенца и 4.615 таблети.

Полицијата исто така конфискувала три килограми суровина, која е доволна за да се произведат три илјади медицински стаклени епрувети со допинг-средства, со вкупна пазарна вредност од 150 илјади евра. Криминалната мрежа била инволвирана во увоз, производство и дистрибуција на допинг-супстанции. Најголемиот дел супстанции биле увезувани од Кина, а потоа биле шверцувани низ светот. За продавачите што го набавувале допингот од криминалната група, а потоа го препродавале, најбезбеден начин на продажба бил онлајн пазарот, а, според информациите, се чини дека побезбедно било и за купувачите. Некои од помалите препродавачи на допингот го продавале под свое заштитено име односно бренд, па, така, си обезбедувале и сопствена клиентела. Како што е познато, неконтролираното примање допинг предизвикува сериозни штети по здравјето и безбедноста на корисниците, бидејќи тие содржат активни состојки и нечисти супстанции, а се произведуваат без медицински надзор и дозвола.

Втора голема координирана акција на Европол за шверц на допинг-средства

Европол уште од 2018 година ги поддржува истрагите за да се спречат ширењето и дистрибуцијата на допингот меѓу обичните граѓани, преку операционални анализи и размена на информации. Оваа акција е втора координирана акција поврзана со истражувањето на шверцот на допинг-средства, откако минатата година во декември беше разбиена криминална мрежа што работела со допинг во Грција, која заработила повеќе од два милиони евра од нелегална продажба и шверц на илегални стероиди низ светот. Во реалноста, кога еден спортист ќе земе нелегална дрога за подобрување на сопствените физички способности, секогаш станува збор за мало делче од голема сложувалка, односно од поголема криминална мрежа. Допингот по дефиниција е внесување недозволени супстанции за поединецот спортист да се стекне со предност во однос на другите што се натпреваруваат со него. Најчесто се користат анаболни стероиди, хормони за растење, стимуланси и диуретици. Победата во спортот може да биде многу профитабилна и токму поради тоа претставува огромна мотивација за спортистите за консумирање нелегални стимуланси, додека, пак, за тренерите, менаџерите и другите да вршат притисок врз спортистите да го прават тоа. Пазарот каде што се продава допингот функционира на принципот „низок ризик – голем профит“, па, така, тој е многу атрактивен за организираните групи низ светот, а интересот дополнително е во пораст.

Во Македонија допинг-средствата се релативно достапни

– Допингот е застапен во сите спортови. Сепак, мислам дека допинг-средствата најмногу се застапени во фитнес-клубовите. Најмногу се користат анаболици и стимуланси на централниот нервен систем – вели доктор Зоран Ханџиски.
Едукацијата по клубовите и спортските сојузи во Македонија сѐ уште е недоволна. Раководството и играчите сѐ уште незадоволително се запознаени и информирани за ова големо зло во спортот.
– Главниот проблем е во несигурноста на спортистите. Мал е бројот на спортистите што се запознаени со содржината на состојките што условно би ги консумирале. Во основа, постојат два вида корисници: едните, кои во потрага по спортската слава би жртвувале сѐ, па дури и сопственото здравје и живот (па свесно се допингуваат), и вторите, кои се жртви на некакви колективни, клупски или национални интереси и на некој начин се несвесно допингувани – објаснува доктор Ханџиски.
Листата на Светската антидопинг-агенција (ВАДА) се проширува годишно, што значи дека многу високософистицирани лаборатории работат на креирање и производство на нови недозволени стимуланси. Се чини дека се ловат корисниците и дилерите, а наркобосовите непречено си ја вршат својата работа. Се чини дека грижата за здравјето на спортистите има сериозен противник во болните амбиции за профит.

[email protected]