Во голема полициска акција уапсени повеќе членови на српско-италијанска мафија

171

Организатори на групата биле Балканци, кои управувале со набавката на дрога од Холандија

Во Белград се уапсени Јаков Контиќ и Милован Николиќ-Профа, луѓе што се смета дека се организатори и водачи на криминална група што управувала со дистрибуција на кокаин во повеќе земји во Европа. Во акцијата се уапсени и Соња Лазиќ, невенчаната сопруга на Контиќ, и Зоран Кончулиќ. Претходно, Контиќ и Николиќ се споменуваат како едни од најголемите дилери на кокаин во Италија. Против Јаков Контиќ и порано се спроведувани акции во Италија и постојат сомненија дека соработувал со еден од ограноците на познатата италијанска мафијашка структура Ндрагета во Милано. Според оперативните податоци на италијанската полиција, Контиќ им бил десна рака на Дарко Шариќ и на делот од неговата група, која е осомничена за шверц на кокаин во Италија, наведуваат изворите за српските медиуми.
Меѓу уапсените е Јаков Контиќ (46), познат како соработник на Дарко Шариќ и постојат сомненија дека токму Контиќ бил водач на оваа група, а, според оперативните информации, Контиќ соработувал и со Дарко Шариќ, кој се смета за еден од најголемите наркобосови на Балканскиот Полуостров, а можеби и пошироко. Десет припадници на групата на Шариќ се осудени во Милано за дистрибуција на кокаин, а во Србија постапката уште е во тек. На судењето на Шариќ во Белград, обвинителството како докази приложило прислушувани разговори во кои се споменува името на Контиќ како соработник на кланот.
Сега уапсениот Јаков Контиќ, беше уапсен и пред осум години во Италија како еден од главните наркобосови што го снабдувале северот на оваа европска земја со кокаин. Во акцијата „Бело“ во март 2012 година, италијанската полиција уапсила 36 луѓе, меѓу кои и Контиќ и тогаш се запленети 75 килограми кокаин, 400 илјади евра во кеш, неколку автомобили, оружје и недвижности. Тој тогаш беше означен како еден од најголемите наркодилери што се поврзани со криминални групи од повеќе европски земји, поточно од Србија, Црна Гора и од Шпанија. Постојат сомненија дека Контиќ, кој е од Белград, но е со потекло од Црна Гора, шверцот на кокаин го раководел од Милано, а во овие акции му помагале и одредени криминални структури на Балканот.
За време на следењето и прислушувањето на оваа група, италијанските полициски служби дошле до сознанија и до податоци дека во месеците пред акцијата во 2012 година, криминалните групи успеале да продадат најмалку 200 килограми кокаин. Контиќ бил конкурентен на пазарот бидејќи имал ниски цени на дрогата. Оттогаш се верува дека тој соработувал со еден од наркобосовите на огранокот на Ндрагета во Милано, Луиџи Маргини, со кого бил и во роднинска врска бидејќи тогаш се свршил со неговата сестра. Набрзо, Маргини завршил во затвор за време на акцијата „Домино“ и оттогаш Контиќ го презема бизнисот во свои раце и ангажира друга италијанска криминална група, позната како Фамилија Магрини, да го дистрибуира неговиот кокаин.

Кокаинот стигнувал од Колумбија, а, според тогашните оперативни податоци, помагачите на Контиќ, кои ја носеле дрогата, ја спроведувале од Аргентина, преку Јужна Африка, Германија, Црна Гора и Србија до Италија. Тој е назначен и како главен преговарач со колумбиските картелите, а неговиот кокаин бил за 20 отсто поевтин од другите на наркопазарот во Италија.
Медиумите во Италија тогаш објавија и неколку пресретнати прислушувани разговори на припадниците на оваа група, од кои се забележува колку високо во хиерархијата е позициониран Контиќ. Објавено е дека италијанската полиција долго време се обидувала да му влезе во трагите на Контиќ, уште од акцијата „Домино“ од 2005 година, но тогаш успеал да ѝ избега на полицијата.
Сега, Јаков Контиќ е уапсен од полицијата по акцијата, која е спроведена во соработка на српското и на италијанското Обвинителство за организиран криминал. Акцијата траела скоро една година, а уапсени се голем број криминалци. Меѓу нив е и Милован Николиќ, за кого постојат сомненија дека во соработка со Контиќ, исто така раководел со дел од криминалниот бизнис.
Уапсената група се сомничи дека кокаинот со чистота од 86,7 отсто го набавувала во Холандија по цена од 33 до 38 илјади евра по килограм. Потоа, оттаму го транспортирале преку Германија и Австрија и завршувал во Италија. Постојат сомненија дека со овој принцип на транспорт, за неколку години се пренесени повеќе стотици килограми на кокаин во Италија. Покрај српскиот дел од групата, во Италија се уапсени и повеќе италијански државјани што учествувале во криминалната група.
Се верува дека организаторите на криминалната група од Белград стекнатите пари од продажбата на дрога во Србија ги вложувале во купување недвижности и многу скапи автомобили. За време на претресите на нивните станови и други простории, како и во еден сеф, пронајдени и запленети се 58.250 евра, четири автомобили, четири скапоцени рачни часовници, околу пет килограми кокаин, два мотоцикли и шест куршуми за пиштол, стои во соопштението на српското МВР.
Во претходните апсења во рамките на оваа акција во Италија запленети се 24 килограми кокаин, 12,7 килограми марихуана и два пиштола.


Надлежните велат дека е зададен тежок удар врз мафијата

Министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, за медиумите изјави дека со апсењето на членовите на криминалната група, која се сомничи дека подолго време шверцувала и дистрибуирала кокаин во земјите во Европската Унија, зададен е сериозен удар врз мафијата.
Стефановиќ истакна дека српската и италијанската полиција, кои уапсија 20 луѓе, направиле сериозен чекор кон сузбивање на синџирот на дистрибуција на кокаин во Европа, бидејќи тие биле многу добро поврзани со многу структури, па затоа нивната дрога стигнувала до повеќе различни страни на светот.
Соработката на полицијата на двете земји била спроведена на многу внимателен начин и траела подолго време, за да се прекине синџирот во вистински момент, за да се дојде до организаторите. Со овие полициски акции, се смета дека драстично ќе се намали дистрибуцијата на кокаин на Балканот, но и во Италија.