Вооружените крадци од НЛБ Банка украле 8.700 евра

190

Вооружените крадци кои утринава влегоа во експозитура на НЛБ Банка во Ѓорче Петров украле 8.700 евра, соопштија од банката.

Од таму велат дека безбедносните мерки во банката ги спречиле крадците да направат поголема материјална штета.

– По вооружениот грабеж што утринава се случи во експозитурата на НЛБ Банка во Ѓорче Петров, уште еднаш потврдуваме дека клиентите и вработените на банката се безбедни и се во добра здравствена состојба. Во текот на истрагата е утврдено дека со грабежот се одземени 8.700 евра – наведуваат од банката.

Експозитурата во Ѓорче Петров ќе продолжи со редовно работно време од понеделник, 20 јануари.

Од банката посочуваат дека и понатаму соработуваат со надлежните институции со цел случајот да добие ефикасно разрешување.