Возило во кое се криумчареле мигранти излетало од патот кај Миравци

176

На регионалниот пат Гевгелија-Дојран, на крстосница „Ѓавато“, полициски службеници од Полициска станица за граничен премин и граничен надзор Богородица вчера  забележале патничко возило „фолксваген пасат“ со бугарски национални ознаки во кое се превезувале поголем број на лица и кое се движи од Богданци кон Гевгелија.

Полициските службеници со возило се упатиле кон него. На крстосницата Гевгелија возилото се вклучило на автопатот кон Скопје, а на крстосницата с.Миравци–с.Милетково, поради неприлагодена брзина, излетало од патот. После тоа, возачот побегнал.

Во возилото биле понајдени 13 лица мигранти од Бангладеш кои биле приведени во Полициска станица за граничен премин и граничен надзор Богородица.

Набргу потоа, возачот бил пронајден и предаден во СВР Струмица. Се работи за Б.Ј.(22) од Богданци. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.