На гробиштата во Ѓорче Петров денеска беше погребан пејачот и актер Влатко Илиевски кој почина завчера од засега непознати причини. На последното испраќање покрај семејството дојдоа негови пријатели, колеги, соработници. Тие вчера пораки на сочувства оставаа на неговиот Фејсбук-профил кој од денеска е затворен.

Пејачот и актер кој на 2 јули наполни 33 години, завчеравечер околу 23 часот бил пронајден мртов во автомобил „тојота“ на бул. „Трета македонска бригада“ во општина Аеродром. 

Според информациите што вчера ги објави Основното јавно-обвинителство-Скопје, не биле видливи траги од насилство, а резултатите од обдукцијата треба да покажат што е причината за смртта на Илиевски. За утврдување се прибрани траги најдени на самото место, а во истрагата ќе се вештачи и возилото во кое е најдено неговото безживотно тело.

Влатко Илиевски е роден на 2 јули 1985 година во Скопје. На музичката сцена беше активен од 2000 година. Свирел гитара во локални скопски бендови, членувал во бендот „Мејд ин Маседониа“, а потоа стана познат како вокал на групата „Морал“.

Од 2007 година почна солистичка кариера и имаше два албума со вкупно 20 песни, меѓу кои: „Најбогат на свет“, „Уште си ми ти“, „Со други зборови“, „Гушни ме“, „Скитник“, „Среќа“, „Пред да те знам“, „Се што сакав по тебе“, „Пак на старо“…

Во 2011 година Илиевски  ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Дизелдорф со песната „Русинка“.

Илиевски беше дипломиран актер со завршени студии на Факултетот за драмски уметности во Скопје.