Вистински случки како од филмско сценарио

Бегствата од затвор често се добра инспирација за филм, иако она што е прикажано на филмското платно понекогаш не соодветствува целосно со вистинската приказна околу бегствата. Желбата за слобода е најсилниот мотив што ги тера затворениците да наоѓаат различни, па дури и навидум невозможни начини за да избегаат од затворот каде што ја отслужуваат својата казна. „Нова Македонија“ во две продолженија ги претставува најспектакуларните бегства од затворите низ светот

Седумтемина од Тексас

Во 2001 година се случило најголемото бегство од затвор во Тексас. Седум затвореници успеале да избегаат од високо обезбедениот затвор „Џон Б. Конали“ во изолираниот град Кенеди. Лидер на групата бил Џорџ Ривас, кој отслужувал 18 последователни животни казни за грабеж и киднапирање. Седум мажи, меѓу кои имало и двајца осудени за убиство, успеале да совладаат двајца стражари и осум вработени за одржување на затворот. Тие ги украле нивната облека и клучевите, ги заклучиле во плакарот за алат, по што успешно изманипулирале уште неколку стражари, за да земат оружје и да избегаат со камиони. Седумтемина потоа направиле серија кражби во Сан Антонио, Далас и Колорадо. Непосредно пред да бидат фатени, убиле еден 29-годишен полицаец во Тексас. Еден од нив се самоубил пред да биде уапсен, а другите шестмина биле вратени во затворот. Тројца од нив биле егзекутирани, вклучувајќи го и Ривас.

Двапати успешно бегство

Хоакин Гузман, познат како Ел Чапо, познатиот мексикански наркодилер, избегал од високо обезбеден затвор во количка за алишта, со помош на потплатени чувари. Едниот чувар ја отворил вратата од ќелијата на Ел Чапо, додека другиот му помогнал да се качи во количката. Го турнале надвор, а тој скокнал во багажникот на возило марка „шевролет монте карло“. На властите им биле потребни 13 години за да го фатат. Сепак тој не останал долго зад решетки. Само по 17 месеци повторно извршил спектакуларно бегство. Успеал да избега преку тунел ископан само за него. Тунелот бил целосно осветлен и со вентилација, а имал и модифицирано возило, кое најверојатно се користело за транспорт на алатот. Ел Чапо повторно е уапсен во јануари 2016 година, овој пат лежи во затвор во Соединетите Американски Држави.

Бегалец уметник

Алфи Хајндс, е британски криминалец и уметник за бегање од затвор, откако успешно избегал од три високо обезбедени затвори, додека отслужувал 12-годишна затворска казна за грабеж. Тој научил право, па самиот се бранел на 17 судења. Во 1955 година, Хајндс успеал да запамети како изгледа клучот од ќелијата, па ист таков направил во затворската работилница. Бил уапсен по осум месеци во Ирска. Повторно успеал да избега во 1957 година, за време на судење во Лондон, кога двајца стражари го однеле во тоалетот. Во 1958 година избегал уште еднаш, овој пат правејќи клуч од бањата.

Јога-бегалец

Чои Гап успешно избегал од затвор „протнувајќи се“ низ отворот од кој затворениците добивале храна. Затвореникот вежбал јога 23 години, а бил уапсен под сомнение за грабеж. Во затвор бил пет дена, пред да се намачка со масло по телото и да се протне низ малиот отвор. Избегал за 34 секунди. Отворот бил висок речиси шест сантиметри, а широк околу 45 сантиметри. Чуварите спиеле додека Чои бегал од затворот. Повторно бил уапсен по шест дена.

Бегалец херој

Сите горенаведени се или осудени или обвинети за криминал, но Алфред Вецлер не бил ниту еден од тие. Тој бил Словачки Евреин, кој бил испратен во нацистичкиот логор Аушвиц за време на Втората светска војна. Тој и уште еден затвореник успешно избегале од логорот во април 1944 година, криејќи се во дрво замаскирано со тутун и бензин за да се измамат стражарите. Таму се криеле четири ноќи, по што го започнале патувањето долго околу 50 километри до границата на Полска. Вецлер со себе носел извештај за работата на концентрациониот камп, вклучувајќи го и планот на кампот, детали за гасната комора и примерок од гасот што нацистите го користеле за да ги убиваат затворениците. Тоа е, всушност, првиот доказ за гасните комори, кој помогнал за успешно гранатирање на објектите. Благодарение на овој среќен бегалец, 12 илјади Евреи од Унгарија биле спасени.

Плескавица бегалци

Осудените убијци Дејвид Свет и Ричард Мет во 2015 година направија нешто што не му успеало никому во период од 170 години: тие избегалe од казнено- поправниот дом „Клинтон“, најголемиот затвор во Њујорк. За да избегаат, двајцата засекле дупка во цевка и работеле во лавиринт од тунели пред да излезат од шахта во Данемора, Њујорк. Алатите ги добиле од Џојс Мичел, затворскиот кројач што признал дека шверцувал бонсеци во замрзнатото месо од кое се правеле плескавици. Криминалците им оставиле на стражарите порака што гласела: „Имајте убав ден“. Меѓутоа двојката немала многу среќа. Околу една недела подоцна, двајцата биле застрелани. Мет починал, додека Свет бил вратен во затвор.

„Фати ме ако можеш“

Животот на Френк Абигнејл, по кој е снимен и филмот „Фати ме ако можеш“, е возбудлив и на моменти импресивен. Тој успешно извршил повеќе кривични дела, а меѓу најпознатите е и тоа што со помош на фалсификувани документи тој станал пилот во авиокомпанијата „Пан Ам“ и како таков прелетал 1.600.000 километри, на повеќе од 250 лета и посетил повеќе од 260 земји. Откако бил осуден на 12 години затвор во САД, тој бил префрлен во затвор од страна на Маршал, кој ги имал заборавено документите. Абигнејл успеал да ги убеди стражарите дека всушност тој е прикриен затворски инспектор, на што стражарите поверувале. Додека бил внатре, тој добил помош од својата пријателка Џин Сибринг. Таа направила две визит-карти, едната на ФБИ-агент, а другата на затворски инспектор, и успеала да му ги даде на Абигнејл. Абигнејл им рекол на стражарите дека мора да разговара со ФБИ-агентката од визит-картата, па, така, тие се јавиле на бројот од визит-картата, кој всушност бил бројот на Сибринг. Таа им рекла на стражарите дека мора да се сретне со Абигнејл надвор од затворот. Стражарите го пуштиле Абигнејл слободно да си замине од затворот.