Викендов во Скопје 27 сообраќајки, едно лице загинато

189

Едно лице загинало во една од вкупно 27 сообраќајки случени во текот на изминатиот викенд на подрачјето на СВР Скопје. Во една сообраќајка со тешки телесни повреди се здобил пешак, а во девет со полесни повреди се здобиле девет лица. Во 16 била причинета материјална штета.

Од МВР информираат дека викендов сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Деведесет и шест возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, 12 возачи поминале на крстосница на црвено светло, шест возачи не дале првенство на минување на пешаци на обележан пешачки премин, пет возачи за неправилно престројување, тројца возачи за неправилно престигнување и четворица возачи кои не дале првенство на минување на возилата во зона на крстосница. Санкционирани биле и еден пешак кој поминал коловоз вон пешачки премин и тројца пешаци кои поминале коловоз на црвено светло.

Од сообраќај биле исклучени четворица возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 34 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило и тројца возачи почетници, како и 24 нерегистрирани возила и едно возило за претовар. Затекнати биле 196 непрописно паркирани возила.

Со помош на специјалното возило пајак, отстранети биле 144 возила.