Велешкото обвинителство отвори предмет по повикот на Агатангел за одење во верските храмови

166

Основното јавно обвинителство Велес отвори предмет по допрен глас по објавите во медиумите и јавното соопштение на митрополитот Агатангел и Повардарската Епархија, со кое ги повикува верниците на масовно одење во храмовите за време на верскиот празник Духовденска Задушница, во петок и сабота, во тек на целиот ден, додека во сила е забраната за групирање на територијата на целата држава, забраната за движење на населението во одредени временски периоди и забраната за пристап до гробишта.

Со цел утврдување на факти во предметот и евентуална кривична одговорност, велешкото обвинителство даде насоки на СВР Велес за обезбедување на податоци во однос на стореното дело и испитување на околностите дали содржи обележја на кривично дело, како и во поглед на почитувањето на мерките кои се определени од страна на Владата,се вели во соопштението.

Министерот за здравство, Венко Филипче, по повикот на епископот верниците да ги посетуваат храмовите бидејќи гробиштата за Духовден ќе бидат затворени, побара од него да го повлече повикот.

– Јас го повикувам епископот да го повлече повикот да се посетуваат храмовите. Ова е многу осетлив период во овој момент на епидемиолошката крива и тој повик е спротивен на сè што сега правиме да се заштити јавното здравје. И, секако, спротивен и на многу уредби што Владата ги има донесено, а тоа е, пред сè, уредбата за забрана на масовни собири и тоа е нешто што, ако се случи, сериозно ќе го загрози здравјето на сите што ќе бидат таму присутни, како и јавното здравје – апелира Филипче на прес-конференцијата по повод донацијата, која како помош за справување со Ковид-19 пристигна од Европската Унија.