Од запалениот стан во Ново Лисиче пожарникарите извлекле петмина, меѓу кои една неподвижна жена и маж, кој од стресот не можел да оди па го симнувале во количка. Неподвижната жена со Итна помош е пренесена во болница. Пожарот е изгаснат, а предизвикана е само материјална штета.

Командантот на скопската противпожарна бригада, Владимир Симоновски вели дека една екипа пожарникари го гаселе пожарот, а друга ги извлекувала луѓето од станот. Пожарот, вели Симоновски, се раширил од плинска боца на која вареле кафе.

– Мажот варел кафе на плинска боца. Се потпалил чаршафот и од таму огнот се раширил насекаде. Во соседната соба беше неподвижната жена, живее на дијализа со приврзани апарати на неа. Ја извлековме, докторите ја прегледаа и утврдија дека ѝ треба доолнителна помош. И мажот се пожали дека не може да оди, од стресот рече дека не му функционираат нозете. Тој е подвижен, прво го изнесовме на тератсата, а потоа го симнавме. Во станот имаше петмина – изјави командантот Симоновски.

Од чадот во паника биле и останатите станари на зградата. Симоновски вели дека и покрај препораките во случај на пожар да не се користи лифт, станарка од зградата тргнала да излегува и се заглавила во лифтот па пожарникарите и неа ја спасувале.

Од пожарот материјална штета Симоновски вели дека има само запалениот стан. Станот до него го провериле и таму немало оштетувања, а на станот над опожарениот само прозорците му биле поцрнети од чадот.

Командантот Симоновски вели дека опожарениот стан на булеварот АСНОМ бил од четириесетина квадратни метри и преполн со мебел па главна грижа им било да ги спасат луѓето и да не дозволат огрнот да се прошири во другите станови од зградата.

Пожарот го гаселе 18 пожарникари со пет возила, а пристигнале и две возила на Итна помош.