Бубевски: Се надевам Апелација одлуката за „Тенк“ ќе ја донесе брзо

242

Обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски по завршувањето на јавната седница во Апелацискиот суд за жалбите по првостепената пресуда за Никола Груевски и Ѓоко Поповски за случајот „Тенк“, изрази надеж дека Апелациски одлуката ќе ја донесе брзо, за пет до шест дена.

Бубевски на седницата ги оцени како неосновани сите жалбени наоди поднесени од адвокатите на обвинетите во овој случај.

Во контекст на тоа додаде дека се неосновани жалбите на адвокатите за ангажираните вештаци за високите трошоци направени за вештачењето.

– Во моментот кога се носеа наредби за вештачење прво се консултиравме со домашни стручњаци од оваа област. Но, во тоа време немаше вештак што сакаше да работи за СЈО. Се нафати една странска компанија која има своја подружница овде, свои вештаци… а цената на тоа не е превисока, рече Бубевски.

Според него, пресудата не се темели само на бомбите, а и самите прислушувани материјали со решение на Апелацискиот суд се прифатени да бидат доказ во постапката.

На Груевски, како што рече Бубевски,  не му застарува делото, бидејќи за него се водат четири активни судските постапки во Кривичниот суд во Скопје.

Обвинетиот Ѓоко Поповски на седницата истакна дека не учествувал во изготвување тендерската документација и оти ниеден од 15 оператори кои ја подигнале тендерската документација не се жалел на одлуката на Комисијата за избраниот економски оператор.

Тој пред судечкиот совет рече дека не е криминалец и не ја злоупотребил службената положба и не знае како се злоупотребува службена положба.  

Очигледно е во оваа наша чудесна земја, како што рече Поповски, кога не може по коњот, најлесно е да се удри по самарот.

По првостепената пресуда за „Тенк“ поднесени беа шест жалби, четири од адвокатите на Груевски, една лично од Груевски и една од Ѓоко Поповски.

Претседателката на судечки совет, Цветанка Периќ по завршувањето на седницата рече дека одлуката на Апелација ќе биде објавена од првостепениот суд.