Британски рекордер во прекршување на карантинот

Некојси Рос Мекфарлен бил запрен од полицијата и испрашуван во судот седум пати во периодот од седми април до десетти мај. Неколку дена одлежал во притвор, но неколкупати бил пуштен само со советување од судијата и обвинителката да не го повторува делото

НЕПОЧИТУВАЊЕ НА КАРАНТИНСКИТЕ ПРАВИЛА

Човекот наречен најголемиот прекршувач на коронавирус-карантинот бил прогласен за опасен за јавноста, откако бил уапсен од страна на полицијата дури седум пати во еден ист период, за време на карантинот во Велика Британија. Рос Мекфарлен постојано ги прекршувал донесените правила од власта, кои им наложуваат на граѓаните да останат дома. За време на судењето, судијата истакнал дека Рос бил запрен од полицијата и испрашуван седум пати во периодот од седми април до десетти мај. Бил фатен како ги прекршува карантинските правила така што бил надвор без легитимна изјава или пак дозвола, а исто така и го прекршувал правилото за физичко растојание, затоа што им се приближувал на разни минувачи и им барал пари. Мекфарлен веќе имал четири други казни, а бил уапсен уште двапати во други ситуации.

– Обвинетиот има четири казни за прекршување на карантинот, кој е задолжителен поради коронавирусот. Тој ги прекршил правилата помеѓу седми и 13 април. Ако се земе предвид тоа што обвинетиот веќе бил уапсен во две ситуации на први и втори мај, а дополнително и добивал предупредувања, но и шанси за да престане да го прекршува карантинот, тој сепак не обрнал внимание на законските норми и на инструкциите што ги добивал од страна на полициските службеници. Во 11.30 часот, на десетти мај, полициски службеник го фатил како проси пред маркет. Немал разумно објаснување за неговото излегување надвор. Полицаецот му објаснил зошто е важно тој да остане дома и да излегува надвор само доколку има потреба. Добил инструкции веднаш да замине дома – изјави обвинителката Џил Друмонд.

Но, и покрај тоа, обвинетиот повторно бил фатен, овој пат на друга улица.
– Полицајците го забележале Мекфарлен како се движи помеѓу паркирани возила во спротивна насока од неговиот дом и повторно немал разумно оправдување зошто е надвор. Мекфарлен изјавил пред полицајците дека бил надвор само два часа, по што веднаш бил уапсен и обвинет. Полицајката сведок Лиса Маршал истакнала дека, и покрај многубројните предупредувања, тој сепак ги игнорирал и продолжил да претставува закана за јавноста.

– Обвинетиот продолжуваше да ги прекршува правилата воведени поради ковид-19. Немаше разумно објаснување зошто го напуштил својот дом и излегол надвор кога тоа беше строго забрането – истакнала таа на судењето.
Неговиот адвокат Давид Холмс истакна дека Мекфарлен поминал десет дена во притвор, соочувајќи се со обвинение што не предвидувало притвор како казна.
– Тој беше во притвор и беше третиран како што треба од страна на полицијата. Би го повикал судот да увиди дека тој веќе ја одлежа својата казна.
Шерифката Алисон Мекеј го опомена Мекфарлен и го предупреди дека ако уште еднаш ги прекрши правилата, ќе заврши во затвор.

– Изгледа мислиш дека овие правила не важат за тебе. Верувам дека времето што го помина во притвор те освести и конечно сфати дека правилата важат за тебе исто како и за сите други – истакнала таа.
Мекеј нагласи дека нема да има уште една шанса и оти се надева дека ова судење, па и времето поминато во притвор, ќе го освестат да ги почитува мерките.
– Во услови кога ти ги прекршуваш правилата толку често, што дури и воопшто не ти е непријатно што толку пати беше предупредуван од страна на полицијата, имај предвид дека доколку нареден пат бидеш фатен како ги прекршуваш забраните, ќе завршиш во затвор и таму и ќе останеш.

Големо непочитување кон судот би било доколку повторно ги прекршуваш правилата. Овој пат се спаси, а бидејќи судот ги зема предвид деновите што ги помина во притвор, овој пат ќе бидеш ослободен. Обиди се да ја зачуваш слободата и во овие услови да ја практикуваш правилно – истакна Мекеј.
Мекфарлен има полициско досие и не ѝ е непознат на полицијата. Тој добил досие поради тоа што купувал алкохол за дванаесетгодишно дете и се обидел да избега од судот додека се водел случај против него.