Бошкоски: Мијалков веројатно е подготвен да ми се извини

705

Оштетениот во случајот „Тортура“ Љубе Бошкоски по одложувањето на денешното рочиште, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека мисли оти првообвинетиот Сашо Мијалков веројатно е подготвен да му се извини, и оти ова прашање треба да му се постави лично на Мијалков.

Бошкоски смета дека да се простува е добро, но да се заборави едно, како што рече, такво мачилиште и еден таков режим низ кој поминала Македонија не смее и не може да се заборави.

– Тој стана да ме поздрави, веројатно да се извини за она што го направил во минатото. Ние за разлика од нив ја имаме таа демохристијанска линија во нас. Ние имаме разбирање. Тие се во исклучително тешка позиција, од најмоќни луѓе во државата сега се во ситуација да се борат за сопствената слобода и ние мора да имаме разбирање за ситуацијата во која се наоѓаат, рече Бошкоски.

Се надева дека Македонија, како што наведе, се ослободи од тоталитарниот режим и дека тоа време е зад нас.

– Опасностите за рецидивите на тоа време се уште тлеат. Но, мислам дека во Македонија почнува да функционира правната држава, да се враќа правото и земјата почнува да чекори кон поуспешна, поперспективна и правна држава во секој поглед. Држава во која после толку години ќе завладее правото, рече Бошкоски.

На прашање во врска со одложувањето на денешното рочиште, Бошкоски одговори дека објективно е да се очекува да има такви ситуации, бидејќи во овој случај има повеќе обвинети лица.

Рочиштето за предметот на СЈО „Тортура“ што денеска требаше да се одржи во Кривичниот суд во Скопје, беше одложено за 13 јуни поради отсуство на третообвинетиот Новица Станковски.