Бобан Илиќ осуден на шест години, а таткото на Алмир доби шест месеци затвор

3512

Основниот суд Куманово денеска ја објави пресудата во „случајот Алмир“ и првообвинетиот Бобан Илиќ го прогласи за виновен  за тешки дела против безбедноста во сообраќајот и имотот и му одреди казна затвор од шест години. 

Судот за виновен го прогласи и второбвинетиот Седат Алиу, таткото на  Алмир, определувајќи му казна затвор од шест месеци. По девет месеци затвор, за сторено кривично дело насилство, добија трето и четвртообвинетите Сами Демири и Абдула Алиу.

По објавувањето на пресудата, адвокатот Асмир Алиспагиќ, во име на осудените за насилство, изјави дека ќе ја обжали пресудата на Судот. 

Реагираше и член од семејството Алиу  кој рече дека не е задоволен од пресудата за првообвинетиот Бобан Илиќ и најави пријави против Обвинителството во Куманово и судечкиот судија. 

И адвокатот на првообвинетиот Стеван Павлевски рече дека не е задоволен од казната и најави жалба до повиската судска истанца.