Билтен

40

Во сообраќајна незгода тешко повредена шеесетгодишна жена

Во полициската станица во Струмица било пријавено дека на улицата Маршал Тито во Струмица патничко возило „опел зафира“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Д.В. (49) од Струмица, удрило во З.Ѓ. (60) од Струмица. Во незгодата тешки телесни повреди добила З.Ѓ. и била пренесена во Медицинскиот центар во Струмица за укажување лекарска помош. Увид на местото извршила екипа на полициската станица од Струмица.

Се превртел од трактор и тешко се повредил

Во полициската станица во Берово доктор од итна медицинска помош во Берово пријавил дека на местото Тркали Чалма, во атар на селото Владимирово, при превртување со трактор, тешки телесни повреди добил Н.П. (74) од селото Подареш, Радовишко. Тој бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош.

Контрола на техничка исправност на автобуси и такси-возила

На територијата на Секторот за внатрешни работи во Велес е спроведена акциска контрола на техничка исправност и оптовареност на автобуси и такси-возила, при што се регистрирани седум прекршоци, и тоа пет во Велес и два во Кавадарци.

По барање на Интерпол уапсен државјанин на Албанија во Македонија

На граничниот премин Долно Блаце, при гранични проверки, било констатирано дека Л.Ѓ. (31) од Албанија се наоѓа на листата со мерка „Апси“ по барање на Интерпол од Белгија. Тој бил лишен од слобода и предаден на полициски службеници од полициската станица во Кисела Вода за понатамошна постапка.

Уапсени шест лица поради непријавен престој во земјава

Полициски службеници од полициската станица во Кичево ги привеле З.Н. (62), А.Н. (44), В.Н. (50), И.Н. (48), Д.Н. (18) и П.Л. (26), сите од Албанија, поради сторен прекршок „непријавен престој“ според Законот за странци. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Подигнати 45 возила со пајак во Скопје

Во текот на 31 август, на подрачјето на СВР-Скопје се санкционирани две возила затоа што биле технички неисправни, три возила бидејќи биле нерегистрирани, четири возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување на моторно возило, тројца возачи бидејќи управувале возило под дејство на алкохол, двајца возачи поради поминување крастосница на црвено светло, еден возач поради неправилно престигнување и 45 возила се подигнати со специјално возило пајак.