Билтен

78
Фото: Игор Бансколиев

Возило со мигранти удрило во товарно возило на МВР

На магистралниот пат Струмица – Штип, кај клучката Радовиш, патничко возило „ауди ку7“, со скопски регистарски ознаки, управувано од непознато лице, во кое се превезувале 12 мигранти од Сирија, удрило во запрено товарно возило, сопственост на МВР. На местото на незгодата починал еден од мигрантите, а еден им подлегнал на повредите во Медицинскиот центар во Штип. Другите лица добиле тешки телесни повреди, додека еден полициски службеник добил телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар во Штип. Извршен бил увид на местото на незгодата од јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Струмица. Во периодот од 22.40 до 23.40 часот сообраќајот на наведениот патен правец бил во прекин, а потоа е пренасочен по спореден пат.

Почина учесник во автотрка

На автотрката што се одржуваше на регионалниот пат Пробиштип – Кратово, кај место викано Жгури, патничко возило „хонда сивик“, без регистарски ознаки, управувано од A.K. (43) од Скопје – учесник на трката, удрило во К.А. (62) од Скопје – техничко лице на трката, кое добило повреди и било пренесено во Општата болница во Пробиштип. Поради сериозноста на повредите оттаму повредениот бил препратен во Медицинскиот центар во Штип, но по патот починал. Увид извршиле екипа од СВР-Штип и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.

Прегазен пешак во Охрид

На булеварот Македонски просветители во Охрид, патничко возило „фиат“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.А. (23) од селото Батинци, Скопско, удрило во пешакот В.Џ. (71) од Скопје. Во незгодата пешакот добил тешки телесни повреди, констатирани во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ Охрид. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР-Охрид.

Пронајдени три бомби во близината на фудбалско игралиште

Во Секторот за внатрешни работи во Битола било пријавено дека во близината на фудбалското игралиште во селото Долно Оризари, Битолско, при изведување градежни работи, биле пронајдени три неактивирани рачни бомби, кои потекнуваат од Првата светска војна. Бомбите биле безбедно подигнати од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.